|

Драстично заострување на мерките против пушење – Се забрануваат и електронски цигари

Драстично заострување на мерките против пушењето: Високи казни и целосна забрана во јавни простори



Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува значително заострување на државната политика кон употребата на цигари и тутунски производи. Предлог-законот, изработен од Министерството за здравство, воведува целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, како и строги ограничувања за рекламирање и продажба на тутунски и никотински производи.

Законот предвидува високи парични казни за прекршителите. Казните за правните лица ќе се движат од 2.000 до 3.000 евра за мали правни лица, од 3.000 до 4.000 евра за средни и од 4.000 до 5.000 евра за големи правни лица. За физичките лица се предвидени казни во износ од 150 до 300 евра.

Каде ќе важи забраната за пушење

Доколку законот биде усвоен, пушењето ќе биде строго забрането во и пред објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни институции, како и во организации за физичка култура и спорт. Забраната ќе важи и за објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, како и во и пред објекти каде што се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучително и игротеки и приватни установи за грижа на деца.

Пушењето нема да биде дозволено ниту во објекти на државните органи и органите на локалната самоуправа, како и во сите работни простории и објекти што претставуваат работни места.

Со законските измени се предвидува целосна забрана за пушење во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден, вклучително и жичари, ски-лифтови, аеродроми, автобуски и железнички станици, езерски пристаништа, како и на постојки на градски и приградски јавен превоз.

Забрането ќе биде и пушење во приватно возило доколку во него има дете, како и во заедничките простории на станбени згради, како светларници, лифтови и заеднички котларници. Пушењето останува забрането и во трговски и угостителски објекти, како и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи и кај приредувачите на игри на среќа.

Во сите објекти каде што важи забраната, задолжително ќе мора да бидат поставени јасни ознаки за непушење, а одговорните лица ќе имаат обврска да го контролираат спроведувањето на законот. Пушење ќе биде дозволено исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени и отворени од најмалку три страни, без стаклени или најлонски прегради.

Забрана за ароматизирани тутунски и никотински производи

Еден од клучните новитети во предлог-законот е забраната за производство, увоз, дистрибуција и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Под ароми и вкусови се подразбираат сите адитиви кои го менуваат мирисот или вкусот на производот, како што се овошни, слатки, билни, ментол и слични вкусови, освен природниот тутунски вкус.

Оваа одредба ќе се однесува на сите видови тутунски и никотински производи, вклучително и класични цигари, електронски цигари и нивните течности со и без никотин, загреани тутунски производи, како и бездимни тутунски и никотински производи.

Строга забрана за рекламирање и спонзорство

Со предлог-законот се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање на тутунски и никотински производи. Забрането ќе биде нивно прикажување во компјутерски игри, телевизиски и радио содржини, филмски и театарски претстави, како и во содржини објавувани од инфлуенсери и поткастери.

Тутунската индустрија нема да смее да спонзорира медиумски содржини, јавни настани, културни манифестации, ниту пак информативни и едукативни кампањи поврзани со штетноста од тутунот и никотинот.

Инспекциски надзор

Спроведувањето на законот ќе биде во надлежност на повеќе институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи, Управата за извршување на санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Слични Објави