Џамбазов: „Кој ги уби тие деца? Новиот фашизам нахранет со алчност“
Актерот Игор Џамбазов синоќа со силна и емотивна порака ја одбележа годинашната манифестација Златна Бубамара на популарноста во Скопје, рецитирајќи ја поемата „Крвава бајка“ од српската поетеса Десанка Максимовиќ, во чест на 63-те жртви во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март минатата година.
Додека на видеобимот беше испишано „Македонска крвава бајка“, Џамбазов упати остри зборови кон, како што рече, „новиот фашизам нахранет со алчност, корупција и незнаење“.
„Кој ги уби тие деца? Наши неодговорни луѓе, луѓе-нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, луѓе“, порача тој од сцената, потсетувајќи дека пред три години на истото место рецитирал стихови од македонскиот поет Славко Јаневски.
Во своето обраќање, Џамбазов се осврна и на масакрот во Крагуевац од 21 октомври 1941 година, кога фашистички сили стрелале ученици и нивни наставници, потсетувајќи на познатата реченица на наставникот: „Пукајте, јас и сега држам час“.
Годинашното издание на „Златна Бубамара на популарноста“ беше 29-то по ред и, според Џамбазов, можеби најтажното досега. Во традиционалниот сегмент за сеќавање на починатите, беа прикажани и фотографии од загинатите членови на групата ДНК, кои животот го загубија во пожарот во Кочани. Меѓу нив беше и тонецот Игор Велков, дел од тимот на манифестацијата.
Настанот донесе и свечен тон – легендарната британска група Delegation и американската соул ѕвезда Martha High беа меѓу гостите и добитници на награди за животно дело. Меѓу наградените кои настапија беа и Владо Јаневски, Калиопи, Слаткаристика, Тони Зен и Владимир Четкар.
Со пораки за одговорност, совест и човечност, годинашната „Златна Бубамара“ се претвори во силен јавен повик за преиспитување и паметење – во чест на оние што прерано заминаа.
Фото: Принтскрин yotube



