Танчерите од Dance Studio New Generation со одличен успех на „Estreia Dance Fest“ во Софија
Во изминатиот викенд, танчерите од Dance Studio New Generation од Прилеп остварија значаен успех на интернационалниот натпревар „Estreia Dance Fest Sofia“, кој се одржа во Софија, Бугарија, претставувајќи го градот и државата во најдобро светло.
Особено се истакнаа соло и дуо настапите, каде што прилепските натпреварувачи освоија повеќе награди во силна меѓународна конкуренција.
Во категоријата хип-хоп соло, први места во различни возрасни категории освоија Јована Стојковска и Мидеа Георгиева, додека Дарија Стојановска се закити со второ место. Третото место го освои Нина Димоска, а Софија Митаноска се пласираше на четвртата позиција.
Во категоријата MTV Dance, првото место го освоија Антонина Котеска и Ива Мирческа, додека четвртото место им припадна на Марија Ристеска и Ива Гиноска. Висок пласман оствари и Георгина Талеска.
Во дуо настапите, во категоријата MTV Dance, најмалите натпреварувачи Дарија Стојановска и Ива Мирческа освоија прво место, додека Ивана Богојевска и Давор Петкоски се пласираа на второто место со впечатлива изведба.
Дополнително, формацијата „Kids Dancers“ го освои третото место во силна конкуренција.
Од тимот истакнуваат дека настапите биле на високо професионално ниво, со новитети во кореографијата и изразот, при што успешно се носеле со конкуренцијата од европски рамки.
Со овие резултати, танчерите од Dance Studio New Generation со гордост го претставија Прилеп и Македонија, потврдувајќи дека локалната танцова сцена чекори рамо до рамо со најдобрите во Европа.



