Прилеп еден од петте градови во проектот за одржлива урбана мобилност
Општина Прилеп е една од петте општини вклучени во проектот за Техничка помош за развој на планови за одржлива урбана мобилност (SUMP – Sustainable Urban Mobility Plan). Овој проект е дел од иницијативата за поврзување на локалните патишта, кој се реализира преку Министерството за транспорт со финансиска поддршка од Светска банка.
Изработката на Планот за одржлива урбана мобилност има за цел да создаде подобри услови за движење низ градот, да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, да го намали загадувањето и да придонесе кон подобар квалитет на живот на граѓаните. Со негова имплементација ќе се работи на подобрување на патната инфраструктура преку модернизација на улиците, оптимизација на сообраќајниот проток и создавање безбедни зони за движење. Покрај тоа, акцент ќе се стави на поддршка на алтернативните начини на транспорт, како што се пешачењето, велосипедизмот и јавниот превоз, со цел да се намали зависноста од автомобилите и да се создаде поефикасен и почист сообраќаен систем. Преку овие мерки, ќе се придонесе и кон намалување на емисиите на штетни гасови, што ќе има значајно влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните.
Овој план се изработува во согласност со европските политики за одржлива мобилност и е во рамките на Упатствата за урбана мобилност (SUMPs), кои се основен инструмент за креирање долгорочни и одржливи сообраќајни решенија. Дополнително, планот е усогласен со Стратегијата за паметна одржлива мобилност на Европската Унија, која има за цел создавање климатски неутрални градови до 2030 година. Ова значи дека Прилеп ќе се вклучи во напорите за намалување на загадувањето, подобрување на транспортните услуги и зголемување на квалитетот на урбаното живеење, во чекор со современите европски практики.
Во рамките на проектот, веќе се одржани неколку состаноци, како во Прилеп, така и онлајн, на кои членовите на комитетот детално ја анализираа моменталната состојба во сообраќајот и ги дефинираа главните приоритети. Овие средби беа важен дел од процесот на планирање, бидејќи преку нив беа утврдени клучните предизвици со кои се соочува градот во однос на урбаната мобилност. Паралелно со ова, во завршна фаза е процесот на прибирање податоци, кој е од исклучително значење за креирањето на соодветни решенија. Анализата на податоците ќе овозможи изработка на модели кои ќе придонесат за подобро управување со сообраќајот, намалување на метежот и унапредување на јавниот транспорт.
Еден од најважните аспекти на овој процес е вклучувањето на граѓаните, компаниите, здруженијата и сите заинтересирани страни, бидејќи успешната имплементација на планот зависи од заедничката соработка и поддршка. Затоа, во наредниот период ќе се организира прва јавна дебата, на која сите засегнати страни ќе имаат можност да се запознаат со тековниот процес на изработка на планот, да ги искажат своите ставови, да предложат конкретни решенија и да дадат конструктивни идеи за подобрување на урбаната мобилност во Прилеп.
Јавната дебата ќе биде можност за директна комуникација со стручни лица и претставници на локалната самоуправа, кои ќе ги слушнат предлозите на граѓаните и ќе ги земат предвид во натамошниот развој на стратегијата. Ова е шанса сите заинтересирани да станат активни учесници во креирањето на поефикасен, почист и поодржлив градски сообраќај.
Следете ги официјалните објави од општина Прилеп за повеќе информации околу датумот и локацијата на јавната дебата!