|

Две успешни трансплантации на коска кај деца изведени на Клиниката за ортопедија

Четиринаесетгодишно девојче и тринаесетгодишно момче добија нови коски преку трансплантација од починат дарител, соопшти Министерството за здравство. Интервенциите се изведени на Клиниката за ортопедски болести, каде што потенцираат дека употребата на кадаверични коскени трансплантати има големо значење во детската ортопедија, бидејќи се избегнува дополнителна хируршка рана, се намалува болката и се скратува времетраењето на операцијата.



Првата интервенција е направена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. По корекцијата, пациентката се вратила на вообичаените активности. Операцијата ја воделе д-р Ненад Атанасов и асс. д-р Милена Богојевска-Доксевска, со поддршка на тим од ортопеди, анестезиолози, медицински сестри и техничари.

Втората трансплантација е изведена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Пациентот е испишан во добра здравствена состојба, а следува период на рехабилитација. Тимот го предводел проф. д-р Зоран Божиновски, со учество на повеќе стручни лица од клиниката.

Од Клиниката за ортопедски болести истакнуваат дека постојано се унапредуваат методите за презервација на коскени и меки ткива, со цел усогласување со европските регулативи за супстанции од хумано потекло. Д-р Атанасов и д-р Богојевска-Доксевска се меѓу авторите на книгата „Основи на коскената трансплантација“ објавена во 2021 година.

„Донорството спасува и менува животи. Благодарение на семејствата кои даруваат и на тимовите што посветено работат, денес две млади лица добиваат шанса за подобар и побезболен живот,“ изјави националната координаторка за трансплантација, д-р Билјана Кузмановска.

Слични Објави