Доктор Кедев: Болници оперираат пациенти без потреба, само заради профит
Интервентниот кардиолог д-р Сашко Кедев во емисијата „Стадион“ излезе со сериозни обвинувања за изведување на непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија единствена цел е остварување профит, а притоа се ризикува животот и здравјето на луѓето.
Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани.
Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит, вели Кедев.
Според него, ваквите практики претставуваат сериозен етички проблем којшто ја нарушува довербата во здравствениот систем и мора да биде итно санкциониран.



