Македонија триумфира над Катар – втора победа на Светското првенство 2025!
Македонската машка ракометна репрезентација ја оствари втората победа на Светското првенство 2025, совладувајќи ја селекцијата на Катар со резултат 39:34. Со оваа победа, избраниците на селекторот Кире Лазаров собраа четири бода, со што го избегнаа последното место во групата и си ги зголемија шансите за повисок пласман.
Натпреварот започна со силен ритам на македонските ракометари, кои од самиот старт наметнаа брза игра и поведоа со 3:1. Веќе од почетокот беше јасно дека главниот адут на македонската репрезентација ќе биде брзата транзиција, која создаде бројни шанси за голови.
Во вториот дел Катар неколку пати успеа да се доближи на негатива од два гола, но не и да ја загрози предноста на Македонија. Практично мечот беше решен на девет минути до крајот кога Македонија водеше со 36:30.
И покрај силниот отпор на Катар, македонските ракометари останаа фокусирани и дисциплинирани, што резултираше со стабилна предност во текот на целиот натпревар. Тимот покажа колективна игра, одлична реализација и цврста одбрана во клучните моменти.
Македнија со четири бода сега е трета на табелата во Групата 3.
Со оваа победа, Македонија не само што ја врати самодовербата, туку и ја продолжи борбата за подобар резултат на шампионатот. Следниот натпревар ќе биде клучен за конечниот пласман на нашата репрезентација, која, според прикажаната игра, има потенцијал да продолжи со успешната серија.
фото – Ракометна Федерација на Македонија



