Обновата на планинарскиот дом Копанки во Битола влегува во финална фаза
Копанки Бисерот на Битола го враќа својот сјај: Обновата на планинарскиот дом во финална фаза
Обновата на планинарскиот дом Копанки, кој е едно од најзначајните култни места за битолчани, влегува во својата финална фаза. Денес, беше извршен увид во тековните градежни активности на објектот, на кој присуствуваа градоначалникот на Битола Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски, директорот на ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола и претседателот на ПСК Пелистер. Во моментов се завршуваат последните работи на покривањето на карабината, а во наредните две недели ќе продолжи поставувањето на лимот и ѕидањето на страничните калкани. Внатрешното уредување и застаклувањето се планира да завршат до крајот на идното лето.
„Во следните две недели ќе продолжи поставувањето на лимот на кровот и ѕидањето на страничните калкани. Следната фаза вклучува застаклување и внатрешно уредување на објектот, а целосното завршување на обновата се очекува до крајот на идното лето“, изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Обновата на планинарскиот дом Копанки е дел од поширокиот проект за унапредување на инфраструктурата во Битола, кој продолжува со активностите за реновирање на значајни локални објекти. Копанки, како култно место за битолчани, конечно ќе добие нов живот, благодарение на соработката помеѓу ПСК Пелистер Битола и локалните власти.
По завршувањето на реконструкцијата, планинарскиот дом ќе биде отворен за туристи и љубители на природата, кои ќе можат да уживаат во обновените капацитети и прекрасната околина на Пелистер.