|

До 13 со Александра Ацеска – Прилепска уметница во Кина

Девојката со див дух на која кинеската дисциплина добро и доаѓа.

Александра е Родена во Прилеп, а дипломира сликарство и графички дизајн на ФЛУ во Скопје во 2017 година. Во 2023 завршува и Мастер студии по сликарство на ФЛУ при УКИМ.



Моментално живее во Фошан-Кина, каде работи како професоркa по уметност во средно училиште.

Бројни самостојни и групни изложби, награди и признанија, започнува да ги нижи уште како студентка и не запира до денес.

На Александра и испративме 13 прашања, а таа беше екпресна како кинескиња и шарматна како македонка…. во секој случај е светска:

  1. Дали си продавала слика што си ја мразела?
    Сите имаме омилени и помалку омилени слики. Ги продавам само оние што ми се најмили. Досега немам создадено слика што ја мразам, ниту пак имам “замразено” дело што веќе го имам насликано. Најстрашни ми се оние што не предизвикуваат никакви емоции. Таквите ги чувам за идни времиња или завршуваат во ѓубре пред некој да ги види.
  2. Кинеска дисциплина или балканска слобода?
    Ова зависи од карактерот. Реално, дисциплината носи опипливи резултати, но спонтаноста има непресметлива убавина. Мене, како див карактер, дисциплината ми е неопходна. Онаа што ја имам (иако не е совршена) ми овозможува експоненцијално развивање во секоја насока што ќе ја одберам.
  3. Дали уметноста е понекогаш лага со убаво лице?
    Апсолутно да. Понекогаш и со грдо лице. Клучот е во очите на оној што гледа. Но според мене, уметноста не може да биде искрена ако авторот не е искрен со себеси. Оваа неискреност се гледа ( или подобро речено, се чувствува) во самото дело.
  4. Си плачела ли пред празно платно?
    Само еднаш, но од неочекувана причина. Истурив душа на хартија додека цртав портрет на мајка ми, неколку дена откако дознав дека и откриле рак.  Мајка ми сега е супер, фала му на Бога и се што е добро.  Ја победи болеста и се опорави. Тоа е единствениот пат кога плачев над празен лист – и се надевам ќе остане така.
  5. На што повеќе мириса бојата – на страст или на отров?
    Работам најмногу со акварел, па моите бои не мирисат на ништо! Но како и кај сè, мислам дека зависи од тоа, во чии раце се.
  6. Која слика би ја запалила без жалење?
    Ниедна. Самата помисла ми е навреда кон креативноста. Исклучок би бил перформанс со цел (како што направи мојата пријателка и неверојатна уметница од Полска, Марго [Małgorzata Gościniak-Polonczyk] во еден нејзин креативен проект, во кој запали и изгоре до пепел цела серија од нејзини слики).
  7. Дали има цензура и во четката?
    Не во четката, но има во галериите и музеите.
  8. Како беше чувството кога за прв пат се почувствува како странец во Кина?
    Се почувствував како џин на кинески зелен пазар во стариот дел од Фучин, првиот град во кој живеев. Не дека нема високи кинези, ги има и тоа многу, ама така се погоди, да сум на мал локален зелен пазар и тетките и чичковците кои продаваа околу мене беа барем глава и половина пониски од мене и ме гледаа како да гледаат чудо. Беа навистина фини, но не можеа да го скријат изненадувањето.
  9. Што те шокираше најмногу во кинеското секојдневие?
    “Power naps” на работа. Првично ми беше чудно, но сега дури и сама си ги практикувам.
  10. Си копирала ли некогаш туѓ стил?
    И намерно (за учење) и ненамерно (под влијание). Намерно, за да научам нешто од мајсторот во одредена акварелна техника. Ненамерно, за време на студии лесно попримав влијанија од околината, па често најдував “туѓи“ елементи во моите дела, најчесто од личности на кои им се восхитував. Некогаш во техниките, некогаш во концептите. Како полека се развивам во поавтентичен автор, така се помалку има туѓи траги во моите дела.
  11. Македонска кафеана или кинеска чајџилница?
    Кинеска чајџилница дење, Македонска кафеана ноќе.
  12. Дали љубовта може да се наслика без да биде кич?
    Може, но е предизвик – “љубовта” е толку апстрактна што избегнувањето на клишеа (запалени свеќи, рози и чоколада, силуети на љубовници и месечина) е вистинска уметност.
  13. Кога ќе престанеш да сликаш – што ќе правиш со рацете?
    Се надевам дека ништо – бидејќи ќе бидам мртва.

Слични Објави