Злато за македонскиот математички гениј на европската олимпијада

Младиот математички гениј Дамјан Давков повторно ја воодушеви јавноста и ја издигна Македонија на европската сцена. Дамјан Давков, кого многумина го нарекуваат „Штипскиот Питагора“, освои златен медал на Европска математичка олимпијада, одржана во Вилнус, Литванија. Со извонредниот резултат, Давков го подели првото место со натпреварувачот од Казахстан, Маргулан Шарел, и се закити со титулата севкупен победник на ова престижно натпреварување.

Ова не е првпат Давков да го привлече вниманието на јавноста. Уште во 2021 година, неговиот успех на средношколски натпревар предизвика реакции, откако Министерство за образование и наука на Северна Македонија одби да му додели награда и признание, со образложение дека во тој момент бил ученик во основно образование, иако се натпреварувал во категорија за средношколци. Случајот отвори дебата за препознавањето и поддршката на талентираните млади во земјата.

Денес, неколку години подоцна, Давков со својот труд и посветеност го потврди својот извонреден потенцијал. Неговата љубов кон математиката, како што самиот вели, е едноставна – „се чувствувам добро кога решавам математички задачи“. Токму таа страст го води до врвни резултати и меѓународни признанија.

Уште како 14-годишник, Давков ја доби највисоката општинска награда „Осми ноември“ од Општина Штип, што беше уште една потврда за неговиот исклучителен талент. Денес, со златниот медал од европската олимпијада, тој не само што ја потврдува својата позиција како еден од најдобрите млади математичари во Европа, туку испраќа и силна порака за значењето на вложувањето во младите таленти.

Според објавените резултати, Давков освои 44 поени и го подели првото место со натпреварувач од Казахстан, но со својот резултат се наметна како вистински шампион на натпреварот.

На ова престижно натпреварување учествувале 124 натпреварувачи од 19 европски земји, кои решавале вкупно осум сложени математички задачи во текот на два натпреварувачки дена.

Успехот на македонската репрезентација не застанува тука. Тимот се врати со вкупно три медали – покрај златото на Давков, освоени се и сребрен и бронзен медал, со што Македонија се пласираше на одличното шесто место во Европа според бројот на освоени одличја.

Ова достигнување претставува уште една потврда за исклучителниот талент и посветеност на Давков, кој веќе со години важи за еден од најперспективните млади математичари во Европа. Неговиот успех е силен мотив и инспирација за младите во Македонија, но и порака дека вложувањето во знаење носи врвни резултати на меѓународната сцена.

Со ова злато, Давков не само што ја запиша Македонија во историјата на првата Европска математичка олимпијада, туку и уште еднаш покажа дека врвните умови доаѓаат и од мали земји – кога има талент, труд и љубов кон науката.

Слични Објави