Собрани 30.000 евра за повредените од Кочани на хуманитарна аукција

Со цел да се помогне на повредените граѓани во несреќата што неодамна го потресе Кочани, вчера во Скопје се одржа хуманитарна аукција на уметнички дела, во организација на иницијативата „SupportKocani“.

На настанот беа собрани околу 1.800.000 денари, односно речиси 30.000 евра, кои ќе бидат наменети за лекување и поддршка на повредените лица, дел од кои сè уште се на болничко лекување.

На аукцијата учествуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, в.д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, лидерот на СДСМ Венко Филипче, пратениците Павле Арсоски и Миле Лефков, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и мал број локални бизнисмени.

Највисока цена постигна делото на уметникот Михаил Корубин, кое од почетна цена од 120.000 денари достигна 300.000 денари. Покрај него, свои дела донираа и други афирмирани уметници, кои со својот талент ја ставија уметноста во служба на хуманоста.

Настанот беше отворен за сите граѓани, а средствата од продадените дела директно ќе бидат насочени кон помош на семејствата и лицата погодени од несреќата. Организаторите се заблагодарија за поддршката и најавија дека ова нема да биде последна акција од ваков вид.

Слични Објави