|

(видео) Промовирана монографија во НУ„Завод и Музеј“ Прилеп

Денес беше промовирана монографијата „70 години музеј – постоењето на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата“, со симболичен наслов „Од артефакт до идентитет – седум децении културна меморија“.



Оваа монографија не е само издание, туку сведоштво за колективната меморија, за културното паметење и за посветената работа на сите вработени кои низ годините го граделе и го чуваат културното наследство. Таа е дел од сите колеги кои некогаш работеле во институцијата, како и од оние кои денес ја продолжуваат таа мисија.

Во изминатата една година, заеднички труд на автори и коавтори, беа подготвени и систематизирани текстови кои го опфаќаат сработеното во изминатите 70 години постоење на институцијата. Од своите почетоци како Народен музеј, до денешниот статус на НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј – Прилеп, институцијата бележи континуиран развој и раст.

Целта, како што беше истакнато, не е музејот да биде затворен простор во кој артефактите само ќе се чуваат, туку тие да бидат презентирани, споделени и пренесени како живо наследство до идните генерации. Знаењето, искуството и одговорноста што ја носи институцијата се насочени кон една цел – зачувување и вреднување на културното наследство.

Прилепскиот регион, како што беше нагласено, претставува вистинско средиште на културното богатство. Иако охридскиот регион е исклучително значаен, особено во историјата на уметноста, Прилеп со своето археолошко, историско и уметничко наследство стои рамо до рамо со најзначајните културни центри во државата.

Со право може да се истакне гордоста – како Македонци, а особено како Прилепчани. Културното наследство е дел од нашиот идентитет, нешто што треба да го негуваме, почитуваме и со гордост да го пренесуваме на генерациите што доаѓаат.

Слични Објави