Благовештение (Благовец) – празник на благата вест, на природата и на мајката
Свето Благовештение, попознат и како Благовец — христијански празник. Се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден. Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица станала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

На 7 април, секоја година, православните христијани го празнуваат Благовештение – празник кој, освен длабока духовна симболика, носи со себе и богатство од народни верувања и традиции. Во народот, овој ден е попознат како Благовец, Благоец или Блошчојне.
Според црковното предание, Благовештение е денот кога Архангел Гаврил ѝ ја соопштил на Пресвета Богородица веста дека ќе го роди Синот Божји – Исус Христос. Оттука, празникот се смета за почеток на сите Господови празници, но и за ден на мајката, како симбол на животот, љубовта и продолжението на човештвото.
Народни верувања – Се верува дека на овој ден не треба да се работи, бидејќи „денот е тежок“, а во некои села сè уште важи обичајот жените да не се чешлаат на Благовец.
Една од најнеобичните традиции поврзани со празникот е дупнувањето уши на малите девојчиња. Народот верува дека денот е толку „благ“, што раната нема да боли, а ќе заздрави лесно и брзо.
За оние што посакуваат деца, постои верување дека молитва во црква или манастир, пред иконите посветени на Богородица, токму на овој ден – може да го исполни тоа најголемо семејно посакување.
Благовец е поврзан и со природата: штркови, ластовички, славеи и кукувици – според верувањата – токму на 7 април се враќаат од југ. Без разлика на временските услови, тие го означуваат почетокот на пролетта и нов живот.
Се верува дека ако утринскиот сон ве разбуди пеењето на некоја преселна птица, тоа е знак дека ве очекува успешна и среќна година.
Исто така, се смета дека тиквите и зеленчукот засадени на Благовец ќе бидат особено благи и вкусни. Празникот е симбол на нов почеток, плодност и духовна светлина.
На овој ден именден слават сите што го носат името: Благоја, Блаже, Благојка, Благица, Блажена и слични имиња.
Нека овој ден донесе мир, радост и блага вест во секое семејство. Благовец нè потсетува на моќта на вербата, тишината на молитвата и важноста на мајчината љубов.