Битола го одбележа Светскиот ден на културната различност
Општина Битола денес организираше настан по повод Светскиот ден на културната различност за дијалог и развој, кој е воспоставен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2002 година. Настанот се одржа на платото пред Народниот театар во Битола, со почеток во 12:00 часот.
Во програмата учествуваа повеќе локални културно-уметнички друштва и здруженија, меѓу кои Комуната на Власи, Здружението „Ромска ѕвезда“, Здружението за македонско-српско пријателство, Македонско-турското здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“, Здружението „Нентори 22“, здруженија на ракотворци и други организации.
Настанот го поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека целта е да се прикаже културната разновидност на локално ниво и да се овозможи простор за претставување на различни заедници.
„Битола е град во кој живеат повеќе етнички заедници. Овој настан е можност тие да ја прикажат својата култура преку носии, храна и уметнички настапи. Во иднина, вакви манифестации може да се разгледаат и на пошироко ниво“, изјави Коњановски.
Настанот беше посветен и на промоцијата на начелата од Конвенцијата на УНЕСКО од 2005 година за заштита и унапредување на културната разновидност. Таа ги опфаќа целите за поддршка на културното управување, размена на културни добра, интегрирање на културата во развојните политики и почитување на културните права.
Според организаторите, вакви активности имаат за цел да придонесат кон зголемена видливост и разбирање меѓу различните културни заедници во општината.