АСФАЛТОТ ПОПУШТИ, НО ОДГОВОРНОСТА НЕ!

Во насока на решавање на проблемите со оштетениот асфалт на улицата „Бурса“, Општина Битола, во координација со Единицата за имплементација на Проектот за поврзување на локални патишта при Министерството за транспорт и врски и Светска банка, започна детални лабораториски анализи на веќе вградениот асфалт. Со оваа иницијатива се очекува да се утврдат точните причини за појавените оштетувања и да се дефинира соодветно и трајно решение кое ќе спречи слични проблеми во иднина. Анализите се особено значајни поради тоа што улицата „Бурса“ е дел од патна мрежа низ која се движат тешки товарни возила, што дополнително влијае на состојбата на коловозот.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, при посетата на локацијата нагласи дека иако Општината не е директен финансиер на проектот, како краен корисник има обврска да бара квалитетна реализација.

„Секогаш инсистирам да зборуваме за решенијата, бидејќи граѓаните не заслужуваат само објаснувања за проблемите – туку конкретни и видливи резултати од реализацијата на инвестициите. Иако Општина Битола не е директен финансиер на овој проект, како краен корисник имаме одговорност да бараме квалитетна реализација, без дополнителен финансиски товар врз општинскиот буџет,“ изјави Коњановски.

Тој потенцираше дека тековните анализи ќе покажат дали се исполнети стандардите за квалитет на асфалтот, а Општината ќе инсистира на изведба што ќе гарантира долгорочна стабилност на инфраструктурата. „Нашата заложба е јасна – да изградиме инфраструктура што трае. Од секоја идентификувана слабост мора да извлечеме поука и да поставиме повисоки стандарди за секој нареден проект,“ додаде Коњановски. Со оваа активност, Општина Битола демонстрира заложба за транспарентност, одговорност и висок квалитет при реализацијата на капиталните проекти, испраќајќи порака дека неквалитетната изведба нема да се толерира.

Слични Објави