Амбасадорката на Холандија во посета на Прилеп
Амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, нејзината екселенција г-ѓа Узлем Џанел, денес оствари официјална посета на Општина Прилеп.
За време на посетата, амбасадорката Џанел се сретна со градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, и претседателката на Советот, Ирена Локвенец. Средбата помина во конструктивна и пријателска атмосфера, при што се разговараше за повеќе актуелни прашања поврзани со локалниот развој, политичките и општествените состојби во општината, како и за економските перспективи што ги нуди регионот.
Посебен акцент беше ставен на присуството и придонесот на компаниите со холандски капитал кои успешно работат на територијата на Прилеп, како и на можностите за понатамошно продлабочување на економската и институционална соработка.
Во текот на средбата беа разменети идеи за можни идни заеднички проекти во области како што се одржливиот развој, локалната економија, социјалната кохезија и заштитата на животната средина.
Локалното раководство изрази благодарност за интересот што го покажа амбасадорката Џанел за Општина Прилеп и нејзиниот развоен потенцијал, нагласувајќи дека ваквите средби претставуваат значаен чекор во градење стабилни и плодни односи со меѓународната заедница.



