Општина Ресен и МЕД заедно во заштита на Преспа
Општина Ресен и Македонското еколошко друштво (МЕД) од денес официјално се партнери во заштитата на природните вредности на Преспанскиот регион. Градоначалникот Јован Тозиевски и директорката на МЕД, м-р Робертина Брајаноска, потпишаа договор за деловно-техничка соработка, со кој е предвидено спроведување на активности финансирани преку грант од Европската Унија во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа“.
„Преку оваа иницијатива се стремиме кон зајакнување на заштитата на Преспа преку истражување, едукација и ефективна комуникација. За нас, ова е уште еден чекор кон одржлив развој на регионот,“ изјави Тозиевски.
Проектот предвидува активности насочени кон истражување на биодиверзитетот, подигање на јавната свест и поттикнување вклученост на локалната заедница во зачувувањето на природните ресурси.
Од Општина Ресен потенцираат дека ваквиот тип на партнерства со граѓанскиот сектор се важни за ефикасно спроведување на еколошките политики и за заштита на уникатните природни вредности во Преспа.



