АМБАСАДАТА ВО ШВЕДСКА ДОМАЌИН НА МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА
Македонскиот амбасадор во Шведска, Џенк Сејфула како и советникот во македонската амбасада Стојанче Китаноски, беа домаќини на македонската делегација која деновиве е во работна посета на Шведска.
За време на шестдневната студиска посета, во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, делегацијата ги посети седиштето на САЛАР во Стокхолм. Разговаравме со директорот Рајан Нокс, фабриката Екогас – Биогасна постројка, собирниот центар на асоцијацијата Gästrike återvinnare кој се наоѓа во градот Јевле каде се селектираат сите фракции на отпад кои се создаваат во домаќинствата и комерцијалните објекти во шведските општини од овој регион, посета на постројката за рециклирање на метал: Kuusakoski и мал рециклажен двор , депонија со претоварна станица за отпад, неколку домаќинства и колективни домови каде видовме како тие постапуваат со отпадот, како го рециклираат и слично. Во рамките на нашата посета на Јевле бевме примени и од заменик градоначалникот на Јевле со кој разговаравме за организацијата и работата на оваа шведска општина“. – изјави градоначалникот од Новаци Стевче Стевановски
Целта на оваа студиска посета беше да се пренесат искуствата при спроведувањето одржливи практики за управување со отпад, вклучувајќи ефективно собирање, рециклирање и повторно користиње на отпадот, запознање со воспоставените системи и практики кои се покажаа успешни во шведските општини и региони со цел да применат искуства и знаења и кај нас.
Оваа посета претставува уникатна можност за релевантни стратешки дискусии како подобро да се надминат предизвиците поврзани со одржливото управување со отпадот, но и да се направи исчекор кон суштинските прашања поврзани со регионалната и меѓуопштинската соработка за прашања поврзани со управувањето со отпадот, со цел усогласување со стандардите на ЕУ. Со тоа сите заедно ќе придонесеме кон подобрена еколошка одржливост и квалитет на живот за сите жители, како и кон забрзано приближување кон ЕУ.
Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, го имплементираат проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво” кој е финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.