Површина повеќе од 15 000 хектари зафатена од пожарите во Прилеп

Ситуацијата со пожарите во општина Прилеп – последна изјава од градоначалникот Борче Јовчески.

„Од рано утрово сме на терен и на повторна координација со Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување! Ситуацијата со пожарите во општина Прилеп во моментов со сите сили и расположливи ресурси ја контролираме максимално што можиме од копно и со воздушна поддршка.

Денес на располагање имаме еден ер-трактор, 200 обучени и професионални луѓе од противпожарните единици, Армијата, МВР, ДЗС, ЦУК, Општинските јавни претпријатија, Национални шуми, кои што се распоредени по линијата на пожарите во Мариово и во близина на Селце, Прилепец и Беловодица, како и доброволци кои што секојдневно се пријавуваат и учествуваат на терен за што како градоначалник на Прилеп изразувам огромна благодарност до сите нив и до сите компании кои што секојдневно помагаат во обезбедувањето на храна, вода и алати!

За жал површината која што е зафатена досега е повеќе од 15 000 хектари.

Од вчера заради сериозноста и обемноста на пожарот е преземена поголема контрола и од Републичкиот кризен штаб кој што заедно со нас етапно ги контролираме и координираме сите акции кои што се преземаат.“

Слични Објави