Зошто законските измени против насилство врз жените сè уште се заглавени? – Мрежата за заштита од дискриминација бара одговорност од Жаклина Пешевска
Мрежата за заштита од дискриминација упати јавни прашања до претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, барајќи одговори за неизвесноста околу заклучоците од надзорната расправа за заштита на жените од насилство и за законските измени кои сè уште не се ставени на дневен ред.
Од Мрежата посочуваат дека поминале седум месеци од одржувањето на надзорната расправа во април годинава, а заклучоците сè уште не се објавени. Дополнително, три месеци по поднесувањето на законските измени за подобрување на заштитата на жените, тие сè уште не се ставени на дневен ред на Собранието.
Во објавата се потсетува дека Пешевска, заедно со други пратенички, во август ги поднела предложените законски измени, поради што од Мрежата бараат објаснување зошто досега не е направен чекор кон нивно разгледување и усвојување.
„Каде се заклучоците од надзорната расправа? Зошто законските измени што самите ги поднесовте сè уште не се ставени на дневен ред?“, прашуваат од Мрежата.
Особена загриженост изразуваат и поради, како што наведуваат, уназадувањето на родовата еднаквост и отстранувањето на одредбите за заштита од дискриминација и насилство од образовните закони.
Од организацијата нагласуваат дека родовата нееднаквост е во коренот на насилството врз жените, посочувајќи дека од почетокот на годината се регистрирани седум фемициди.
Преку кампањата „Ѕид на срамот“, Мрежата продолжува јавно да бара одговорност од носителите на функции и конкретни институционални активности за заштита на жените.
„Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените. Бараме одговорност и резултати!“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Извор: Фејсбук-профил на Мрежата за заштита од дискриминација



