Доделени наградите на Арт хепенингот „Со љубов за Прилеп“ – познати најдобрите млади уметници
Ротари клуб „Прилеп“ ги додели наградите за најуспешните учесници на годинашниот Арт хепенинг „Со љубов за Прилеп“, кој се одржа по повод одбележувањето на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп.
Овогодишното издание беше на тема „Убавината на несовршеното“, а настанот собра 25 млади учесници кои преку своите уметнички дела понудија различни креативни погледи и интерпретации на зададената тема.
Од пристигнатите 25 уметнички дела, жирито ги избра трите најуспешни, на кои им беа доделени наградите:
- Прва награда: Јана Пирганоска – СОУ „Ѓорче Петров“
- Втора награда: Атина Иваноска – СОУ „Ѓорче Петров“
- Трета награда: Марија Николоска – СОУГ „Мирче Ацев“
Арт хепенингот „Со љубов за Прилеп“ веќе четиринаесетина години претставува традиционална културна манифестација во организација на Ротари клуб „Прилеп“. Неговата цел е збогатување на културната програма по повод празникот на градот, но и поттикнување на младите да ги развиваат своите уметнички афинитети, креативноста и талентот.
Од Ротари клуб „Прилеп“ упатија благодарност до Ротаракт клубот Прилеп, Градоначалникот и претставниците на Општина Прилеп, како и до професорите од училиштата кои придонесуваат за реализацијата на оваа традиционална манифестација.
Со 25 учесници и 25 различни уметнички приказни, годинашниот настан уште еднаш покажа дека Прилеп има млади таленти чија креативност заслужува внимание и поддршка.


