Кравите стигнаа и до амбасадите – се бара дипломатска помош

Општина Крива Паланка побара поддршка од странските амбасади во земјава за решавање на проблемот со повеќе од 1.000 грла крупен добиток кои неконтролирано се движат низ општината.

Од локалната самоуправа информираат дека денеска испратиле допис до сите странски амбасади и амбасадори акредитирани во Македонија, со кој ги запознале со последиците од неконтролираното движење на добитокот и побарале нивна дипломатска поддршка за трајно решавање на проблемот.

Од Општината ги повикуваат амбасадорите ова прашање да го отворат во разговорите со претставниците на Владата и надлежните институции, посочувајќи ги ризиците за безбедноста на граѓаните и потребата од итна и координирана реакција.

Според општината, преку дипломатскиот дијалог може да се поттикне директна комуникација меѓу Владата, надлежните агенции и локалната самоуправа, со цел да се утврдат конкретни мерки, одговорни институции и рокови за нивно спроведување.

Од Општината предупредуваат дека добитокот без надзор се движи по улиците и патиштата, ја загрозува безбедноста на пешаците и возачите и предизвикува штети на земјоделските насади.

Дополнителна загриженост предизвикува и присуството на добиток во дворот на средното општинско училиште, што, како што велат, ја наметнува потребата од итни мерки за заштита на учениците.

Слични Објави