ТРАЈНО СВЕДОШТВО ЗА ЧОВЕКОТ КОЈ ЖИВЕЕШЕ И ТВОРЕШЕ ЗА МАКЕДОНИЈА И ДЕМИР ХИСАР
Денес во просториите на СОУ „Крсте П. Мисирков“ во Демир Хисар беше промовирана книгата посветена на ликот и делото на професорот Ванѓелко (Ване) Лозановски, човек кој со својата посветеност, знаење, творештво и љубов кон родниот крај остави длабока трага во културниот, научниот, образовниот и општествениот живот на Демир Хисар.
Изборот на местото за промоција има особено симболично значење. Токму во СОУ „Крсте П. Мисирков“, каде што професорот Ване го помина целиот свој работен век како професор по македонски јазик и литература, пренесувајќи го знаењето и воспитувајќи генерации ученици, беше одбележан неговиот придонес и неговото трајно наследство.
Настанот го организираа ЗГАКЕР „Валавица“ – Демир Хисар и Домот на културата „Илинден“ – Демир Хисар, во рамките на активностите посветени на одбележувањето на патрониот празник на СОУ „Крсте П. Мисирков“. Изработката и издавањето на книгата беа реализирани со поддршка на градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, преку проектот „НАШИОТ ПРОФЕСОР – ВАНЕ И НЕГОВИОТ ПРИДОНЕС ЗА РАЗВОЈ НА КУЛТУРАТА, НАУКАТА И РУРАЛНИОТ ТУРИЗАМ НА ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР“.
Во рамките на свеченоста, на членовите на семејството на професорот им беше врачено постхумно признание за животно дело, како израз на благодарност и почит кон неговиот исклучителен придонес и вредностите што ги остави зад себе. Признанието го врачи проф. д-р Менде Солунчевски, иницијатор и промотор на ова дело, како и еден од најблиските соработници на професорот Ване.
Посебно признание му беше доделено и од директорката на училиштето, Јасмина Дамчевска, во знак на длабока почит и вечна благодарност за неговата професионална посветеност, човечност и неизбришлив белег во образовната средина. Како професор и педагог, Лозановски не бил само пренесувач на знаење, туку и воспитувач и инспирација за многу млади луѓе, поттикнувајќи ги да веруваат во сопствените можности, да го негуваат македонскиот јазик и да ги почитуваат вистинските животни вредности.
Книгата претставува многу повеќе од биографски запис. Таа е обид да се соберат, зачуваат и афирмираат делата, мислата и творечкото наследство на човек кој во текот на целиот свој живот несебично придонесуваше за развојот и промоцијата на Македонија и Демир Хисар. Неговата љубов кон македонскиот јазик, културата, науката и родниот крај беше постојана движечка сила во неговото професионално и творечко дејствување.
Со ова издание, Демир Хисар уште еднаш ја потврдува важноста од негувањето на сеќавањето на своите заслужни сограѓани, личности кои со личниот пример, знаење и посветеност ја обликувале средината во која живееле и твореле.


