Забрана за увоз на тутун во време на откуп – нови законски измени за заштита на домашното производство
Со предложените измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, се воведува забрана за увоз на необработен тутун за време на откупниот период – од 16 ноември до 28 февруари. Целта на оваа мерка е да се заштити домашното производство и да се спречи нелојалната конкуренција.
По предлози и иницијатива на тутунопроизводителите и нивните здруженија, Владата треба да подготви измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, со кои се воведува забрана за увоз на необработен тутун во периодот на откуп, од 16 ноември до 28 февруари.
„Со забраната за увоз додека трае откупот, директно го заштитуваме македонскиот тутун и го ставаме во приоритет. Се исполнува едно од најоправданите барања на тутунарите“, изјави Дејан Проданоски.
Тој додаде дека измените на законот се изработени по консултации со самите производители и нивните здруженија, кои укажале дека увозот на тутун во периодот на откуп создава нелојална конкуренција и директно ја загрозува продажбата на домашниот тутун.
Покрај забраната за увоз, предложените измени носат и други новини:
Воведување јасни критериуми за условите за откуп – простории, опрема и организација на откупните пунктови;
- Задолжително водење на податоци преку ИСЕТ системот – во кој се внесува секој грам домашен, увезен и обработен тутун;
- Строги казни за нерегистрирани откупувачи и оние што ќе го прекршат законот.
Проданоски појасни дека државата ќе обезбеди средства за контрола и надзор во вредност од 1 милион денари, со што ќе се спречи нелегалното работење и ќе се зајакне инспекцискиот надзор.
Во контекст на новите законски решенија, надлежните информираат дека годинава откупот започнал навремено, просечната откупна цена е повисока, а субвенцијата од 100 денари по килограм останува како директна финансиска поддршка за производителите.
„Со овие мерки се создава фер и транспарентен систем на откуп, што е од клучно значење за сигурноста на тутунарите“, изјави Проданоски.
Според најавите од Министерството за земјоделство, измените ќе придонесат за:
- Заштита на домашното производство;
- Поголема контрола врз движењето на тутунот;
- Справување со нерегистрирани откупувачи;
- Поголема правна сигурност за производителите.
Предлог-законот е доставен во Собранието и се очекува да биде разгледан во наредниот период.
Фото – Музеј за тутун



