Трговците мора да ги објавуваат цените онлајн секој ден до 10 часот – казни до 10.000 евра за непочитување

Од петок, 19 април, сите поголеми малопродажни трговци во земјава ќе мора секој работен ден до 10:00 часот да ги објавуваат цените на производите што ги нудат на своите веб-страници. Оваа нова обврска произлегува од Правилникот за начинот на објавување на цените, а нејзиното спроведување го најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Мерката се однесува на супермаркети, аптеки, продавници за бела техника, мебел, текстил, алати, електрични апарати, овошје и зеленчук, средства за хигиена и градежни материјали. Микро компаниите со најмногу 10 вработени се ослободени од оваа обврска.Трговците ќе бидат должни да обезбедат јавно достапна страница со информации за секој производ, вклучително:

  • Назив
  • Продажна цена со ДДВ
  • Единечна цена по мерна единица (кг/л/м)
  • Опис и достапност
  • Редовна и попустна цена
  • Времетраење и вид на промоција

„Да биде појасно, граѓаните ќе можат да одберат каде ќе ги трошат своите пари, самите ќе можат да споредат каде има најниски цени. Очекуваме оваа мерка да придонесе за дополнително намалување на цените“, изјави министерот Дурмиши на прес-конференција.

Во случај на ненамерна техничка грешка при објавувањето, трговците ќе имаат рок од 24 часа за корекција без последици. Сепак, за непочитување на обврската, предвидени се глоби до 10.000 евра.

Од оваа мерка се исклучени само микро трговците, односно оние со најмногу 10 вработени.


Иако надлежните очекуваат оваа мерка да ја поттикне конкуренцијата и да доведе до стабилизирање или намалување на цените, граѓаните кои ги сретнавме низ зелените пазари велат дека не гледаат значителни промени, особено во пресрет на Велигденските празници. Од друга страна, пазарџиите се жалат на слаб промет и го повикуваат државниот врв да интервенира со регулирање на увозните цени и цените на пазарите на големо.

Паралелно со оваа регулатива, на сила е и мерката за ограничување на бруто-профитна маржа за 102 основни прехранбени производи, како и определување на највисоки цени за 8 производни групи. Овие одлуки беа донесени на почетокот на годината и ќе важат до 30 април 2025 година.

„Ќе ги следиме случувањата и доколку се појави тренд на раст на инфлацијата, ќе бидат донесени нови мерки“, најави министерот.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во март е регистрирана дефлација од 1,3 отсто, што се толкува како знак за стабилизација на инфлацијата.

Слични Објави