Прилепската болница доби современ апарат за електромиографија – побрза и попрецизна дијагностика за пациентите

Нов современ апарат за електромиографија (ЕМГ) од денес е ставен во употреба во прилепската болница, со што се унапредуваат дијагностичките можности на здравствената установа и се овозможува поголема достапност на специјализирани здравствени услуги за пациентите од Прилеп и регионот.

Станува збор за современа медицинска опрема која овозможува детално испитување на функцијата на периферните нерви и мускулите, а има значајна улога во откривањето и следењето на различни невролошки и мускулни заболувања.

Со помош на ЕМГ-апаратот ќе може да се дијагностицираат оштетувања на нервните корени поврзани со дискус хернија, синдром на карпален тунел, компресивни невропатии, полиневропатии, мускулни заболувања, како и повреди и оштетувања на нервите предизвикани од трауми.

Воведувањето на оваа дијагностичка услуга во прилепската болница ќе им овозможи на пациентите побрз пристап до потребните испитувања, пократко време на чекање и намалување на потребата од патување во други градови за извршување на ваков тип дијагностика.

Набавката на новиот апарат претставува инвестиција во унапредувањето на медицинската опрема и квалитетот на здравствените услуги, со цел навремено откривање на заболувањата и подобри услови за понатамошно лекување и следење на пациентите.

Со ставањето во функција на ЕМГ-апаратот, прилепската болница ги проширува своите дијагностички капацитети, овозможувајќи современа здравствена услуга поблиску до граѓаните.

Слични Објави