435 денари за килограм од прва класа, најавено можно зголемување на субвенциите – Започна предвремениот откуп на тутунот
Тутунскиот комбинат Прилеп денеска го започна предвремениот откуп на тутунот од годинешната реколта, при што производителите за килограм тутун од прва класа ќе добиваат 435 денари. Оваа цена е за 15 денари повисока во споредба со минатогодишната, а првите испораки веќе го потврдуваат добриот квалитет на годинашното производство.
Според очекувањата, годинава се произведени од 26 до 30 милиони килограми тутун, а проценките се дека повеќе од 96 проценти од вкупниот род ќе биде откупен во прва класа.
На почетокот на откупот присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, кој информираше дека досега се откупени шест тони тутун и дека квалитетот на предаденото производство е одличен.
Во насока на подобрување на приходите на тутунопроизводителите и поголемо вреднување на нивниот труд, министерот најави дека се разгледува можноста субвенцијата за предаден тутун од прва класа да се зголеми од сегашните 80 на 90 денари за килограм.
Дополнително, како можност за поддршка на тутунарите се разгледува и укинување на зелената нафта, со што би се овозможиле дополнителни средства за производителите.
Тутунскиот комбинат Прилеп ги отвори сите 34 откупни пункта низ државата, а планот е годинава да откупи околу 2,6 милиони килограми тутун. Исплатата кон производителите ќе се врши двапати неделно.
Според информациите од Сојузот на тутунски здруженија, на ниво на државата ќе функционираат вкупно 334 откупни пункта, а сите десет регистрирани откупувачи поседуваат лиценци за работа. Четири компании веќе започнуваат со предвремен откуп, додека останатите треба да ги отворат пунктовите најдоцна до 1 декември.
И покрај зголемените очекувања кај производителите, претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Кире Ристески, информираше дека не е постигнат договор со откупувачите за дополнително зголемување на откупните цени. Поради тоа, тутунот ќе се откупува според веќе договорените услови и утврдената класификација.
Еден од предизвиците во текот на откупната сезона ќе биде и тутунот бран во ноември, кој поради временските услови потешко се суши и бара поголемо внимание при складирањето и предавањето.
Годинешниот откуп започнува со повисока цена за прва класа и очекувања за квалитетен род, а евентуалното зголемување на субвенциите би претставувало дополнителна финансиска поддршка за тутунарите и нивниот труд.


