ПО 3.000 ДЕНАРИ ЗА ПРВАЧИЊАТА ВО ПРИЛЕП – ОБЈАВЕН 2 ЈАВЕН ПОВИК
Општина Прилеп објави јавен повик за доделување еднократна парична помош во висина од 3.000 денари за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територијата на општината за учебната 2026/2027 година.
Право на финансиска поддршка имаат родителите или старателите кои се жители на Општина Прилеп и чии деца за првпат се запишани во прво одделение во основно училиште на територијата на општината, а претходно немаат остварено право на оваа парична помош за тековната учебна година.
Рокот за поднесување на барањата е од 17 до 23 ноември 2026 година.
Заинтересираните родители и старатели треба да достават барање за остварување на правото, фотокопија од лична карта или пасош, копија од трансакциска сметка на име на барателот, копија од извод од матичната книга на родените за детето и оригинална потврда од училиштето дека ученикот е запишан во прво одделение.
Во случај кога барањето го поднесува старател, потребно е да се приложи и копија од решението за старателство.
Документацијата се доставува во Архивата на Општина Прилеп, на адреса ул. „Прилепски бранители“ бр. 1, 7500 Прилеп.
Од Општината информираат дека нецелосните барања, како и барањата доставени по истекот на предвидениот рок, нема да бидат разгледувани.
По завршувањето на јавниот повик, надлежната комисија ќе ја разгледа документацијата, а конечната листа на корисници на финансиската помош ќе биде објавена на официјалната интернет-страница на Општина Прилеп.
Образецот за барање и потребните изјави заинтересираните граѓани можат да ги подигнат во Архивата на Општина Прилеп секој работен ден или да ги преземат од официјалната веб-страница на Општината.
Повеќе информации и потребните обрасци на официјалната веб-страница на Општина Прилеп. https://www.prilep.gov.mk/j-a-v-e-n-p-o-v-i-k-br-02-2026-za-dodeluvanje-na-ednokratna-parichna-pomosh-za-uchenici-zapishani-vo-prvo-oddelenie-vo-osnovnite-uchilishta-na-teritorija-na-opshtina-prilep-za-ucheb/


