Прилепската болница со историски медицински зафат – за првпат изведени лапароскопски гинеколошки операции

Првпат во историјата на Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ во Прилеп започна изведувањето на лапароскопски гинеколошки операции. Со воведувањето на оваа современа медицинска метода, на пациентките од Прилеп и поширокиот пелагониски регион им се овозможува пристап до минимално инвазивни оперативни зафати во нивниот град.

Како што информираат од прилепската болница, првите интервенции се реализираат со стручна поддршка од специјалистот гинеколог д-р Павловски и медицинскиот техничар Андреј Ефтимовски од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, во соработка со специјалистите по гинекологија и акушерство од прилепската болница.

Операциите се изведуваат со современ апарат за лапарохистероскопија од реномираниот производител „Ербе“ (Erbe), кој болницата го набавила со сопствени финансиски средства.

Лапароскопијата е минимално инвазивна хируршка метода која, наместо класичен оперативен рез, овозможува интервенциите да се изведуваат преку неколку мали отвори. Оваа техника, во соодветно индицирани случаи, може да придонесе за помала постоперативна болка, помали лузни, пократок болнички престој и побрзо закрепнување на пациентките.

Со воведувањето на овие интервенции, жените од Прилеп и регионот ќе имаат можност дел од современите гинеколошки оперативни зафати да ги добиваат поблиску до местото на живеење, без потреба од дополнителни патувања до Скопје или други здравствени центри.

Од болницата посочуваат дека ова е значаен чекор во процесот на модернизација на здравствената установа, унапредување на медицинската опрема и проширување на достапноста на здравствените услуги.

Воедно, упатија благодарност до д-р Павловски, медицинскиот техничар Андреј Ефтимовски и медицинскиот тим од Одделението за гинекологија и акушерство за нивниот придонес во реализацијата на првите интервенции.

Со овој новитет, прилепската болница започнува нова фаза во развојот на гинеколошката хирургија, отворајќи можности за примена на современи оперативни техники во локалното здравство.

Слични Објави