Во Кривогаштани одржана седница на Локалниот совет за превенција: безбедност, насилство и заштита од поплави
Денеска, 28 октомври, се одржа седница на Локалниот совет за превенција на Општина Кривогаштани, на која беа разгледани повеќе прашања поврзани со безбедноста на граѓаните и координацијата на надлежните институции во превентивното дејствување.
На седницата се разговараше за општата безбедносна состојба, јавниот ред и мир, безбедноста во сообраќајот, како и за заштитата на пешаците и учениците. Посебно внимание беше посветено на превенцијата од врсничко насилство и насилство на интернет, злоупотребата на алкохол и дроги и потребата од соработка меѓу училиштата, родителите и надлежните служби.
Една од темите беше и иницијативата за отворање канцеларија за управни работи во Полициското одделение во Кривогаштани, преку која жителите на општината би можеле да вадат лични документи без да патуваат во други градови. По барање на граѓаните, за оваа иницијатива ќе биде доставено официјално барање до Министерството за внатрешни работи.
На седницата се разгледуваа и состојбите со водотеците, одводните канали, речните корита и насипите, како и потребата од навремени превентивни мерки за заштита од поплави. Во пресрет на зимскиот период, дискусијата ги опфати и превенцијата од пожари, безбедноста на јавните објекти, проодноста на пристапните патишта и обезбедувањето на основните комунални услуги.
Разгледаните прашања ја нагласија потребата од координирано дејствување на институциите и навремено преземање мерки за заштита на граѓаните и спречување на можните ризици.


