Започна изградбата на новиот парк во населбата „Областа“
Жителите на Битола наскоро ќе добијат ново уредено катче за рекреација и спорт, откако денеска официјално започнаа градежните работи за изградба на парк во населбата „Областа“. На површина од 550 м², новиот парк ќе содржи урбана опрема и три игралишта – мало фудбалско, кошаркарско и детско игралиште.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со советникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација, изврши увид во текот на почетните градежни активности, нагласувајќи ја важноста на проектот за граѓаните.
Проектот, вреден 2.499.240 денари, има за цел да создаде современ простор за одмор и активен живот, кој ќе биде на располагање за сите генерации.
Паралелно со изградбата на паркот, во овој дел на градот се одвива и реконструкција на улицата „Нико Фундали“. Со овој проект е предвидена целосна санација на коловозот, реконструкција на тротоарите, како и обновување на водоводната мрежа и мешовитата канализација.
Вкупната вредност на инфраструктурните зафати на улицата изнесува 12.628.225 денари, од кои 7.506.051 денар се наменети за коловозот, 2.443.398 денари за водоводната мрежа и 2.678.776 денари за канализацијата.
Со реализацијата на двата проекти, жителите на „Областа“ ќе добијат поквалитетни услови за живот, а Битола уште едно уредено и модерно урбано место за рекреација.