|

Прилеп, мајмунот и стапот

Изреката „Во Прилеп мајмун не игра, оти нема кој да му го држае стапо“ е една од најпрепознатливите и најкарактеристичните прилепски народни хумористични анегдотни поговорки и се тврди дека зад неа стои богато локално предание, народен хумор и одраз на прилепскиот менталитет. Но, ако се загребе зад изреката, нема да најдеме ништо, освен слободно толкување и мрак на историјата.

.

Така, има објаснувања дека оваа изрека сака да каже дека во Прилеп секој сака да биде газда и таа е хумористичен приказ на прилепскиот индивидуализам, инает и гордост. Слично, некои мислат дека тоа значело дека „сите сакаат да наредуваат, а никој не сака да помогне во физичкиот дел од работата“. Пак слободно толкување.

Факт е дека на Балканот имало многу патувачки забавувачи, од кои мечкарите и мајмунџиите (мајмунарџии), кои најчесто биле Роми, воделе дресирани мечки или мајмуни за забава, а работеле за бакшиш. Околу ова, се вели дека имало забележано локална анегдота: кога некој патувачки артист со мајмун дошол во Прилеп и побарал некој од присутните да му го придржи стапот или реквизитот додека тој ја изведува точката, никој од чаршијата не се нафатил да му биде „помошник“, па забавачот си заминал без настап.

Марко Цепенков и Кирил Пенушлиски ја евидентирале идентично оваа кратка приказна за забавувачот, кој си заминал од Прилеп затоа што никој не му помогнал со „држење на стапот“. Исто така, Д-р Харалампие Поленаковиќ и Кирил Пенушлиски оваа анегдота ја наведуваат како класичен пример за градски хумор и иронија. Блаже Конески го наведува овој израз како одличен фолклорен пример каде „наизглед наивната чаршиска шега крие длабок отпор кон каков било подреден однос“.

Некои автори од тој период, како Кузман Шапкарев, Васил К’нчов и Иван Шишманов исто така се осврнале на хуморот како етнопсихолошка карактеристика на народот во Македонија. Шапкарев и Шишманов (во Сборник за народни умотворения) даваат сродна изрека за патувачките забавачи од 19. век: „Без тоя (стап) маймуна не играе“ или „На чужд гръб и маймуна играе“, со значење дека секој сака друг да ја заврши тешката работа.

Во етнографските записи од тој период се забележани и подбивања меѓу градовите (на пример, слични мајтапи за карактерите на луѓето од Габрово, каде што исто така постојат легенди дека патувачките забавачи не можеле да заработат бидејќи луѓето биле премногу итри и „стиснати“ да дадат пари).

Драмскиот текст „Солунски патрдии“ на Миле Попоски исто така ја користи поговорката како автохтоно градско обележје за прилепчани, каде што ликот Секула или другите ликови во чаршиски контекст го употребуваат изразот „Во Прилеп мајмун не игра!“ како метафора за итроштина.

Бранислав Нушиќ, кој бил српски конзул во Битола и одличен познавач на македонските чаршии, во своите хумористични и патописни записи („С’Косова на плаво море“ и етнографските белешки за Чаршијата) забележал сродна чаршиска поговорка за уличните артисти-забавачи: „Не игра мајмун за ништа, ил’ за пара ил’ за штап“ (Мајмунот не игра за ништо — или за пари или за стап). Стеван Сремац ја објавил поговорката: „Играј, мајмуне, док је у нинџе штап!“ (Играј мајмуне додека некој друг го држи стапот над тебе).

Тихомир Ѓорѓевиќ, етнолог и фолклорист, напишал детален труд за патувачките забавачи на Балканот, а посебно за Ромите мечкари и мајмунарџии („Ћурумџије и мечкари“). Тој споменува народна изрека: „Не игра мајмун за себе, него за штап“, или „Мајмун игра док је штапа“. Тоа значит дека мајмунот (а се мисли на човекот) не ги прави триковите од задоволство, туку поради стравот од стапот.

Јован Цвијиќ, во неговото епохално дело „Балканско полуострво и јужнословенске земље“ (како и во Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије), детално го опишува психолошкиот тип на прилепчани и македонското чаршиско население. Тој ги опишува како луѓе со изразен инает, итроштина, мајтапчиски дух и непоколеблива независност, иако конкретната народна поговорка кај него се споменува повеќе како илустрација за нивниот карактер.

Ваквите изреки не се само наш специјалитет. Во вториот дел од „Дон Кихот“, Сервантес го воведува ликот на Мајстор Педро, кој шета со куклена сцена и дресиран мајмун. Во односот меѓу стопанот со стапот и мајмунот, Сервантес ја користи тогашната шпанска народна изрека: „Por el dinero baila el perro, y por el palo el mono“ (За пари кучето игра, а за стапот мајмунот). Исто така, во германските збирки на народни пословици (Deutsche Sprichwörter) постои евидентирана варијанта: „Der Affe tanzt nicht ohne die Rute“ (Мајмунот не танцува без стапот/прачката), што се користела за луѓе кои не сакаат да завршат ништо додека некој не ги принуди или не им асистира.

Храброста за објаснување на оваа поговорка оди до таму што се вели дека во Сејахатнаме (Патопис) од 17. век, Евлија Челебија ја забележал оваа поговорка, иако таму нема ништо такво. Тој ги опишува Прилеп и прилепчани користејќи го зборот „курнази“ (итри, досетливи, лукави луѓе) за да го опише нивниот менталитет.

Целата народна анегдота е запишана во збирките на усно предание од Прилепско (од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“):

Некој патувачки забавач дошол во Прилеп со дресиран мајмун кој изведувал вештини седејќи на стап. Артистот побарал некој од прилепчаните да му го држи стапот додека мајмунот ја прави точката. На тоа, никој од прилепчаните не сакал да прифати, одговарајќи дека не му се слуги на мајмунот. Со тоа забавачот бил принуден да си замине без заработувачка, а прилепчани ја смислиле крилатицата: „Во Прилеп мајмун не игра, оти нема кој стапо да му го држае“.

Во светската парамиологија (науката за пословиците), комбинирањето на „мајмун“, „стап“ и „играње“ се среќава во различни култури со многу слична логика. Така, кај Британците има изрека “The higher the monkey climbs, the more he shows his tail” („Колку повисоко се качува мајмунот на стапот, толку повеќе си ја покажува опашката“), а има значење дека низ суетата и самофалењето („дигањето“ на прилепски) сè повеќе излегуваат на виделина неговите маани и празноглавост.

И Турците имаат изрека “Maymun oynatanın değneği” (Стапот на тој што го тера мајмунот да игра) и се однесува на фактот што изведувачот е само фигура, а моќта ја има тој што го држае стапот.

Сепак, постојат и податоци за Прилеп и неговиот панаѓур уште во XIV век, каде што се споменува дека Прилеп бил познат по производството на мебел, дрводелски изработки, конопни изработки, ножеви, производи од коска и играчки, меѓу кои бил и „мајмунот акробат“, кој „играл“ на затегнати конци прицврстени на стапови.

Мајмунот имал зглобови со жичани алки: телото, рацете, нозете и главата на мајмунот се изрезбарени од лесно дрво и се споени со мали жичени алки за да бидат сосема лабави и подвижни. Тенки конци оптегнати на летви поминуваат низ дланките на фигурата. Со растегнувањето и отпуштањето, конците се вкрстуваат и затегнуваат, предизвикувајќи фигурата да прави превртувања, скокови и акробации околу конците. Најдобар ефект забавувачот постигнувал кога има помошник и тој глуми дека го дресира мајмунот со стапот, го поттурнува, „тепа“ и слично. Токму помошникот (калфата) го држаел стапот. Овие играчки активно се изработувале и по 1852 година (обнова на панаѓурот), а и постарите прилепчани ја знаат оваа играчка, која се продавала на Варош за празнувањето на Свети Никола. Вакви играчки постојат во нашите музеи (Музеј на Македонија – етнолошко одделение, но и во НУ Завод и Музеј – Прилеп).

Значи, ова е анегдотска поговорка (фразеологизам со подлога од поширока приказна), затоа што во парамиологијата изреките не може да опстојат без својата етиолошка приказна (анегдота). Кога научниците ги бележат ваквите изреки, во фуснота или во додаток секогаш ја запишуваат и кратката приказна (етноекспликацијата) која го објаснува нејзиното потекло.

Етноекспликацијата на поговорката покажува дека изреката „Во Прилеп мајмун не игра…“ е етно-социолошка самопофалба за прилепскиот инает, чаршиската итроштина и одбивањето да се биде нечиј слуга или „втора виолина“. Таа настанува во XIX век како судир на доселениците (селски хабитат) и градско-еснафскиот поредок во формирањето на прилепската чаршија. Оваа „средба“ на истородното население, но со различни културни навики и социјално милје, создала атмосфера која се превладувала со хумор. Односно, се институционализира вид груб хумор, како екстремен и агресивен чаршиски хумор кој ги преминува сите вообичаени морални табуа (вклучително и ласцивните пцовки за мајки, сестри, племе). Општественото прифаќање на ваквите појави, кое се нарекува „општествено структуриран дефект“ (ОСД), е обреден и социјален вентил на таквиот судир.

Ова е логичен заклучок, затоа што во затворена племенска култура (каква што ја донеле христијанските доселеници од Мариово, Брсјачијата и околните планински села кога се спуштиле во турскиот град Прилеп), навредата на честа или родот значи крвна одмазда или физички судир. Самата „хуморизација“ на односот го надминува таквиот роднинско-племенски код и се пренесува директно во чаршијата каде што луѓето мораат секојдневно да соработуваат. Така градот станува функционално одржлив, а социјалната дистанца барем вербално се елиминира.

Во тој контекст, нашата изрека, од која тргнавме, како и многу други, имала социјална функција на покажување меѓусебна солидарност на истородните (новодоселените Христијани), не елиминирајќи ги социјалните и културни разлики. Едноставно, тие, наместо причина за раслојување (што во османлискиот Прилеп би било погубно), станале материјал за шеги, а „држењето на стапот“ (владетелски жезол) заради владеење со необразованиот, неписмениот, иноверниот, посиромашниот и подредениот, се претвора во „држење на к…“. Нели прилепчани велат „Че ми се фатиш“, кога сакаат да кажат „не ми можеш ништо“? Исто така, оваа изрека е чин на одбивање да се плашиш од принуда и е лична декларација — не само против естаблишментот, туку и кон обврските во родот, кои престануваат да бидат важни надвор од затворената селска средина.

Целиот идиом има јасна социјална порака: „Не, ние нема да учествуваме во вашите мајмунлаци“, „Не можеш да ме принудиш да учествувам во твојот циркус“, или поинаку — „Не си ми господар, затоа што во Прилеп нема господари“. Оваа априорна негација на кој било авторитет однадвор е стара племенска традиција која сега е „облечена“ во многу поговорки, од кои оваа е најфреквентна и најпозната.

Александар Цветкоски

Антрополог – етнолог, НУ Завод и Музеј – Прилеп

Слични Објави