„До Балчак“ во кино „Мис Стон“
Филмот „До Балчак“, македонска акциона историска драма од 2014 година во режија на Столе Попов, ќе биде прикажан на 9 октомври во кино „Мис Стон“ во Прилеп. Проекцијата ќе започне во 18:30 часот.
Сценариото за филмот е на Горан Стефановски, а во главните улоги настапуваат Инти Шрај, Мартин Јорданоски, Сашко Коцев, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Ана Костовска, Гораст Цветковски, Владо Јовановски и други.
Дејството се одвива во 1907 година, во Отоманска Македонија, неколку години по Илинденското востание. Приказната го следи сложениот љубовен четириаголник меѓу Крсто, бескомпромисен комита, Музафер, безмилосен турски офицер, Филип, млад човек кој се враќа од студии во Европа, и Тереза, слободоумна Европјанка која ги залудува тројцата мажи.
Низ нивните судири и лични приказни, филмот ги обработува темите на слободата, љубовта, правдата, жртвата, предавството и борбата за идентитет и самостојност.
„До Балчак“ е снимен според сценарио на Горан Стефановски, со директор на фотографија Апостол Трпески, сценограф Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија И. Атанасовска и шминкер Светлана Гутиќ.
Филмот трае 165 минути.
Влезниците може да се подигнат на билетарницата во кино „Мис Стон“ во среда, четврток и петок од 11:00 до 13:00 часот, како и еден час пред почетокот на проекцијата.


