Прилеп наскоро под „Safe City“ – Над 40 локации со видео надзор
Прилеп наскоро ќе биде опфатен со системот за видео надзор и управување со безбедносни инциденти „Safe City“, најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при посетата на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.
Во тек е подготовка на проектната документација, а според најавите, имплементацијата на системот во наредниот период ќе опфати повеќе од 40 точки на подрачјето на Прилеп.
„Safe City“ нема да има улога само во контролата на сообраќајот. Системот треба да придонесе и за поефикасно работење на полицијата, особено во откривањето на кривични дела, превенцијата, обезбедувањето докази и утврдувањето на факти во идни постапки.
Видео надзорот ќе може да се користи и за одржување на јавниот ред и мир, како и за заштита на урбаната инфраструктура.
Јанев посочи дека една од најважните придобивки од ваквите системи е зголемувањето на сообраќајната безбедност. Според него, бројот на жртви во сообраќајот бележи намалување, додека сообраќајната култура кај граѓаните се подигнува.
„Најважно е да ги почитуваме сообраќајните знаци и сообраќајните правила“, порача Јанев, упатувајќи апел до сите учесници во сообраќајот – возачите, пешаците и велосипедистите.
Воведувањето на „Safe City“ треба дополнително да ги зајакне капацитетите на полицијата во Прилеп и да овозможи побрзо и поефикасно реагирање при безбедносни инциденти.
Системот во иднина се очекува да биде надградуван со дополнителни технолошки алатки, со цел полицијата да има подобра поддршка во секојдневното работење и поголема ефикасност на терен.


