ЌЕ СЕ КРАТАТ ПРАЗНИЦИТЕ? Стопанската комора предлага помалку неработни денови во годината

Стопанската комора на Македонија ќе предложи измени на Законот за празниците со кои бројот на неработни денови во годината практично би се намалил на 13. Од Комората велат дека целта е оптимизирање на бројот на неработни денови, зголемување на продуктивноста и подобрување на економската ефикасност.

Предлогот, како што беше посочено на денешната прес-конференција, не предвидува укинување на постојните празници, туку промена на начинот на кој се користат неработните денови што се однесуваат на одредени верски и етнички заедници.

Според предложениот модел, покрај 11-те празници кои се неработни за сите граѓани, секој вработен при засновање на работен однос би избрал два дополнителни празници кои би ги користел како неработни денови. На тој начин, бројот на неработни денови би бил ограничен на вкупно 13.

Од Комората сметаат дека сегашниот систем создава разлики меѓу граѓаните, бидејќи припадниците на одредени верски и етнички заедници имаат право на поголем број дополнителни неработни денови. Како пример беше посочено дека православните верници имаат пет дополнителни празници, покрај празниците што важат за сите граѓани.

Комората предлага и празниците кои се паѓаат во недела повеќе да не се префрлаат како неработен ден во понеделник. Според нивната анализа на 36 европски економии, во околу 70 отсто од земјите бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14.

Од Стопанската комора наведуваат дека поголемиот број отсуства од работа создаваат организациски и финансиски предизвици за компаниите и може да влијаат врз продуктивноста.

На предлогот реагираше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој се спротивстави на идејата за намалување на неработните денови. „Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша!“, напиша Трендафилов на социјалните мрежи.

Предлог-измените Стопанската комора наскоро треба да ги достави до Министерството за економија и труд, по што се очекува да следуваат консултации за евентуалните промени во Законот за празниците.

Слични Објави