|

(видео) „Чекор кон подобро здравје“ – превентивна здравствена акција со Ц.Р.Е.П.

.Кај Градскиот саат во Прилеп денеска се одржа настанот „Чекор кон подобро здравје“, организиран од Центарот за развој и едукација Прилеп, со учество на „Сина револуција“.

Целта на активноста беше на граѓаните, особено на повозрасните лица, да им се овозможи навремено следење на основните здравствени параметри, како дел од превентивната грижа за здравјето.

Посетителите имаа можност да го проверат шеќерот во крвта, крвниот притисок, сатурацијата и витаминско-минералниот статус, а воедно да разговараат со стручни лица за значењето на редовното следење на здравствената состојба.

„Секојдневно сме во директен контакт со стари и изнемоштени лица и добро знаеме колку е значајно навремено да се следи здравствената состојба. Нашата работа не се состои само во обезбедување помош во секојдневните активности, туку и во поддршка, превенција, информирање и препознавање на промените кај корисниците“, изјави Евгенија Андоноска, координаторка за помош и нега во домот.

Од Центарот посочуваат дека ваквите активности имаат цел да ги поврзат социјалната и здравствената поддршка и да ја поттикнат превенцијата.

„Не чекајте здравствениот проблем да стане голем. Грижата започнува со мал чекор, а тој чекор денеска го правиме заедно“, порача Андоноска.

Слични Објави