Случајот со палење на македонско знаме на „ТикТок“ расчистен – Малолетник го признал делото

Секторот за внатрешни работи Тетово, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, целосно го расчисти случајот со видеото објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на кое се гледа палење на македонското знаме.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, спорното видео било детектирано на 22 септември при редовен мониторинг на социјалните мрежи. Полициските службеници утврдиле дека содржината има елементи на кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик.

По преземените оперативни мерки, следниот ден (23 септември) бил утврден идентитетот на авторот на профилот. Станува збор за малолетник од Тетово на возраст под 14 години.

Во полициска станица, во присуство на родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово, со малолетникот бил извршен службен разговор во кој тој го признал делото. За потребите на понатамошната постапка и дигиталната форензика, од родителот со согласност е одземен мобилниот телефон од кој била поставена објавата.

За време на разговорот, малолетникот открил идентитет на уште три други малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полиција со цел целосно расветлување на сите детали.

Од МВР најавуваат дека по комплетното документирање на случајот, до Основното јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Слични Објави