Без автобуската линија број 3 сме отсечени од градот! -ЖИТЕЛИТЕ ОД ЖАБИНО МААЛО И СТОЧЕН ПАЗАР БАРААТ ИТНА РЕАКЦИЈА
Жителите од две прилепски населби, Жабино Маало и Сточен Пазар, упатија јавен апел до Општина Прилеп и до ЈКП за градски превоз, барајќи итно да се реши проблемот со нередовниот градски автобуски сообраќај и повторно да се стави во функција автобуската линија со број 3.
Според реакцијата на граѓаните, иако за учениците е обезбеден школски превоз, преостанатиот дел од населението се соочува со огромни потешкотии во секојдневното функционирање.
„Работниците не можат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите и повозрасните се мачат за да отидат до болница или аптека, а сите оние кои немаат сопствен автомобил се принудени да плаќаат скап такси-превоз за најобочни секојдневни обврски“, наведуваат жителите во својата реакција.
Тие потенцираат дека јавниот превоз е основна комунална услуга која мора да им биде достапна на сите граѓани под еднакви услови и дека е недозволиво цели населби во Прилеп да останат игнорирани.
Редакцијата упати прашања до Општина Прилеп и до претпријатието за градски превоз во врска со тоа дали се планира враќање на линијата број 3 и во кој рок жителите од овој дел на градот може да очекуваат нормализирање на автобускиот превоз.


