Кадровски засилувања во прилепската болница: се враќа д-р Борче Јовчески, пристигнува нов анестезиолог
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп информира дека по завршувањето на мандатот како градоначалник, д-р Борче Јовчески, специјалист ортопед, се враќа на работа во болницата и повторно станува дел од ортопедско-трауматолошкиот тим.
Од болницата посочуваат дека враќањето на д-р Јовчески е значајно поради зголемениот обем на пациенти во ортопедијата, која е една од најоптоварените болнички служби. Се очекува неговото повторно ангажирање да придонесе за побрза дијагностика, поквалитетен третман на повреди и подобра организација на амбулантските и болничките услуги.
Истовремено, прилепската болница добива уште едно важно кадровско засилување со доаѓањето на д-р Емилија Спасовска Златков, специјалист анестезиолог, која од приватното здравство преминува во јавниот сектор.
Анестезиологијата е клучна за функционирањето на секоја болница, особено во делот на хируршките интервенции и итните медицински состојби. Од установата очекуваат дека новото засилување ќе придонесе за поголема безбедност на пациентите, подобра организација на операционите програми и поефикасно управување со постоперативната болка.
Од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп нагласуваат дека продолжуваат со активности за јакнење на стручните тимови, со цел подобрување на здравствените услуги за граѓаните на Прилеп и поширокиот регион.



