Прилеп се менува со конкретни дела и видливи резултати! – Проданоски со отчет за сработеното

Со пораката „Прилеп се менува со конкретни дела и видливи резултати“, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, го презентираше отчетот за сработеното во изминатиот период, истакнувајќи дека во партнерство со Владата и ресорните министерства во градот моментално се реализираат 18 капитални проекти со вкупна вредност од околу 12 милиони евра.

Според изнесените податоци, шест од планираните проекти се веќе комплетно завршени, пет се наоѓаат во својата завршна фаза, додека седум проекти се на самиот почеток од нивната реализација.

„Нашата цел беше јасна: Прилеп да се менува со конкретни проекти што се гледаат и што го подобруваат секојдневието на сите граѓани. Градиме модерен, функционален и развиен Прилеп за сите генерации“, порача Проданоски.

Клучни инвестиции во инфраструктурата и водоснабдувањето

Како еден од најзначајните сообраќајни зафати беше издвоена изградбата на новиот кружен тек кај мостот „Табана“ – инвестиција вредна над 2 милиони евра, со која треба трајно да се реши едно од најголемите сообраќајни тесни грла во Прилеп. Проектот опфаќа регулација на коритото, проширување на мостот, ново осветлување и соодветна сигнализација.

За реконструкција и санација на локалните улици и патишта се обезбедени 168 милиони денари за тригодишен период, од кои 60 милиони денари се реализираат до крајот на оваа година. Дел од покрупните зафати ги опфаќаат:

  • Реконструкција на тротоарите, осветлувањето и велосипедските патеки на ул. „11-ти Октомври“ и „Кеј 1-ви Мај“.
  • Изградба на патна мрежа во индустриската зона „Металец“ (973 метри) и сервисна улица кај „Жито Прилеп“ (392 метри).
  • Реконструкција на улицата „Победа“ и мостот со инвестиција од над 100 милиони денари, како и претстојните зафати на улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“ вредни повеќе од 180 милиони денари.

Во делот на водоснабдувањето, извршена е замена на старите азбестни цевки на ул. „Кузман Јосифоски“, реконструирана е мрежата во Карабдалица по повеќе од 70 години, а во тек се и новите инвестиции во Селце и Лениште вредни 25 милиони денари.

Екологија, дигитализација и уредување на јавниот простор

Во делот на заштитата на животната средина, во Прилеп е изградена фотонапонска централа за пречистителната станица, се поставуваат полуподземни контејнери на 21 локација, а ставена е во функција и првата фабрика за селекција на отпад од таков тип во земјава, со капацитет до 10 тони на час.

Градот добива и нов систем на услуги преку отворањето на дигиталниот Центар за услуги кој нуди повеќе од 1.000 е-услуги за граѓаните и бизнис-секторот. Дополнително, се работи на изработка на нов Генерален урбанистички план (ГУП), како и десетици детални урбанистички планови за градот и населените места.

Поддршка за младите, спортот, културата и социјалната заштита

Во отчетот беа подвлечени и вложувањата во општествениот и културниот живот:

  • Средствата за поддршка на спортските клубови се зголемени на 14,5 милиони денари, а за културни манифестации на 12 милиони денари.
  • Обновени се спортските терени во Точила, изградено е ново игралиште во ООУ „Рампо Левката“, а уредени се и нови детски игралишта низ градските населби.
  • Отворен е Центар за дневен престој за стари лица, нов Дневен центар за лица со попреченост, а за првпат е обезбедена и еднократна парична поддршка од по 3.000 денари за сите запишани првачиња.

„Не тврдиме дека сè е завршено, пред нас има уште многу работа. Но правецот е јасен – продолжуваме одговорно, посветено и со уште посилно темпо за подобри услови за сите прилепчани“, заклучи градоначалникот Проданоски.

Слични Објави