Платите на буџетарите догодина ќе чинат околу 930 милиони евра
Платите на буџетарите догодина ќе не чинат речиси 930 милиони евра. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во Предлог-буџетот за 2025 година се предвидени 780 милиони евра за плати и надоместоци на административците, на тоа дополнително се додаваат и 32 милиони евра за договорениот раст на платите во образованието, 84,5 милиони дополнителни за раст на платите во здравство, како и 32 милиони евра за растот на мининмалецот.
За сега се знае дека од 6,5 милијарди евра за трошење, околу 930 милиони евра ќе чинат платите на административците.
Експертите реагираат, над една петтина од буџетот наместо за развој секогаш ни завршува за плати на гломазниот и партизиран државен апарат.
Според податоците на Министерството за информатичко општество, бројкате на вработени во јавниот сектор е околу 130.000 лица. Анализата на ТВ 21 покажува дека од година во година сумата која се одвојува од буџетот за плати и надоместоци драстично расте, па од 2014 година до сега е речиси дуплирана.
Бројките покажуваат дека во 2014 година платите на административците го чинеле буџетот 384 милиони евра. Додека пак годинава, со ребалансот се одвоени, речиси двојно повеќе пари или 724 милиони евра биле потребни за подмирување на платите на државниот апарат. Додека пак во 2025 ќе одвоиме уште најмалку 200 милиони повеќе – или 930 милиони евра, за плати и надоместоци на администрацијата.
РАСХОДИ ВО БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ
Предлог – буџет за 2025 година – 780 милиони евра
- + 32 милиони евра за образование
- + 84,5 милиони евра за здравство
- + 32 милиони евра за минимална плата
Вкупно:928 милиони евра
РАСХОДИ ВО БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ ПО ГОДИНИ
- 2024 година – 670 милиони евра – со ребаланс 724 милиони евра
- 2023 година – 567,1 милиони евра
- 2022 година – 540,4 милиони евра
- 2021 година – 504,2 милиони евра
- 2020 година – 484,1 милиони евра
- 2019 година – 451,3 милиони евра
- 2018 година – 428,5 милиони евра
- 2014 година – 384 милиони евра