PRILEP JAZZ WEEKEND: На мускули, но со музика што останува

Традиционалниот фестивал Prilep Jazz Weekend и годинава ќе се одржи, иако организаторите се соочуваат со низа предизвици околу неговата реализација. Од фестивалот информираат дека токму поради неизвесностите околу поддршката и организацијата, програмата се објавува подоцна од вообичаено.

Како што велат организаторите, уште од формирањето на фестивалот било јасно дека неговото опстојување ќе бара многу ентузијазам, посветеност и работа „на мускули“. Истото, според нив, се повторува и оваа година.

Првиот голем предизвик бил информацијата дека Министерството за култура нема да го поддржи фестивалот, а дополнително, во истиот термин на Спортскиот аеродром во Прилеп е најавен дводневен музички фестивал со настапи на бендови и DJ-и.

И покрај тоа, Prilep Jazz Weekend продолжува со традицијата, а фестивалската програма ќе започне со концерт на Драган Даутовски на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.

Концертот се реализира во соработка со Центарот за истражување на праисторијата, со кој фестивалот традиционално го поврзува музичкото искуство со уникатниот амбиент на археолошкиот локалитет.

Даутовски, еден од најзначајните македонски музичари посветени на традиционалната музика, ќе ги оживее звуците на минатото преку своите традиционални инструменти.

Концертот е закажан за 23 август 2026 година, со почеток во 18:30 часот, на Врбјанска Чука.

За реализацијата на концертот, како што информираат од фестивалот, поддршка обезбедиле Општина Прилеп, Општина Кривогаштани и општествено одговорната компанија Gurmano.

Од Prilep Jazz Weekend велат дека и покрај сите предизвици, остануваат посветени на фестивалот и на неговото продолжување, со надеж дека концертот на Врбјанска Чука ќе биде уште еден настан кој долго ќе се памети.

Слични Објави