Состојбата со пожарот во Чаниште – Нема повредени, жителите остануваат во своите домови
Голем пожар денеска го зафати прилепското село Чаниште, при што огнот навлезе меѓу објектите во селото и предизвика голема опасност за домовите. Силниот ветер и сувата вегетација дополнително го отежнаа гаснењето, а густиот чад ја намали видливоста и го отежна дишењето на жителите и екипите на терен.
Пожарот избувнал околу 13:30 часот во близина на селото, по што брзо почнал да се шири кон куќите. Пожарникарите, заедно со локалното население, со часови се бореа да го запрат огнот и да ги заштитат преостанатите објекти. Со интервенцијата успеале да го спречат понатамошното ширење на пожарот низ селото.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, претходно информираше дека огнот навлегол во делови од Чаниште и дека според првичните информации биле зафатени неколку стари и напуштени куќи, како и најверојатно една населена куќа. По дополнителната проверка на терен, сепак е потврдено дека ниту една куќа во која постојано живеат жителите на селото не е изгорена.
Во пожарот се зафатени неколку стари и напуштени куќи, како и објекти во кои сопствениците престојувале само повремено.
Во текот на интервенцијата, две жени вдишале густ чад додека се обидувале да го заштитат својот имот. Екипите на Итната медицинска помош од Прилеп веднаш интервенирале на терен и им укажале соодветна терапија. Нивната состојба е стабилна и нема потреба од хоспитализација. Според најновите информации, нема повредени лица.
Најважната информација вечерва е дека сите жители на Чаниште се безбедни и ќе можат да ја поминат ноќта во своите домови. Противпожарните екипи продолжуваат со интервенцијата и контролата на теренот, со цел да се спречи повторно разгорување и дополнително ширење на огнот.
И покрај големината на пожарот и опасноста што постоеше во текот на денот, брзата реакција на пожарникарите и локалното население спречи огнот да зафати повеќе населени домови и да предизвика поголема катастрофа.


