Кога барањето нормалност станува „напад“ – Не е против никого. За сите е

Зошто барањето ред, еднакви правила и транспарентност не смее да се доживува како напад врз некого.

„Ех, за едно дрво најдовте да се замарате?“

Реченица што звучи едноставно, речиси безопасно. Но, токму во неа е содржана една навика што со години нè носи во погрешна насока, проблемот да го мериме според неговата големина, наместо според принципот.

Во јавниот простор сè почесто се создава една опасна логика: кога граѓаните ќе побараат да се почитуваат правилата, веднаш се поставува прашањето — „Зошто се замарате со ова?“

Зошто за едно дрво?
Зошто за еден тротоар?
Зошто за една депонија?
Зошто за едно игралиште?…

Одговорот е едноставен: затоа што јавниот интерес не се брани само кога тоа е удобно.

Ќе се замараме за дрвјата, но и за узурпираните тротоари со автомобили. За просторот наменет за пешаци, кој понекогаш станува продолжение на угостителски објект. За мајките со колички кои не можат нормално да поминат. За детските игралишта, зеленилото, чистотата, дивите депонии и за секој проблем во секое маало.

Но подеднакво важно е и кај кого се применуваат правилата.

Ако барањето за почитување на законите и прописите се толкува како напад врз некого, тогаш проблемот не е во граѓаните што прашуваат. Проблемот е во системот во кој нормалноста почнува да изгледа како политичко или лично спротивставување.

Барањето ред не е против никого. Барањето транспарентност не е против никого. Барањето еднакво спроведување на правилата не е против никого.

Тоа е право на граѓаните.

Кога некој прашува зошто е дозволено нешто на еден, а не му е дозволено на друг, тоа не треба да се доживува како провокација. Тоа е легитимно прашање за еднаквоста пред правилата.

Кога некој бара да знае кој донел одлука, врз основа на кој акт, со каква постапка и со чии средства, тоа не е „замарање“. Тоа е транспарентност и одговорност.

А кога станува збор за јавен простор, инфраструктура, зеленило или средства од буџетот, граѓаните имаат уште поголема причина да прашуваат. Тоа не е ничија приватна работа. Тоа е простор, имот и систем финансиран и одржуван со јавни средства — односно со парите на граѓаните.

Затоа не треба да прифаќаме двоен стандард во кој за едни важи „законот мора да се почитува“, а за други „ајде, не е ништо“.

Не може тротоарот да биде тротоар само кога не му треба на автомобилот. Не може зеленилото да биде важно само кога не пречи на нечиј интерес. Не може правилата да бидат строги за едни, а флексибилни за други.

Ако сакаме нормален град, тогаш нормалноста мора да биде принцип, а не привилегија.

И токму затоа треба да се замараме.

За едно дрво.
За еден тротоар.
За една депонија.
За едно игралиште.
За едно паркинг-место.
За секое маало.

Но и за начинот на кој институциите ги применуваат правилата.

Зашто вистинското прашање не е „Зошто се замарате?“

Вистинското прашање е:

Зошто воопшто дојдовме до ситуација во која барањето за ред, еднаквост и транспарентност треба да се оправдува?

Граѓанинот што бара нормален град не е против никого.

Тој е за правила што важат за сите, за институции што одговараат пред јавноста и за град во кој јавниот интерес е над личниот интерес.

И ако тоа значи дека треба да се прашува, да се проверува и да се реагира — тогаш да, треба да се замараме.

За сè. И кај сите.

„Не е замарање. Тоа е грижа за сопствениот град.“

Пишува – Благица Цветкоска – АГТИС, Програмски координатор – Владеење на Право – Сектор Транспарентност и Отчетност

Слични Објави