|

Македонски зелени идеи патуваат на регионален натпревар во Призрен

Динг.мк, Медотека Најдовски и Урбана фарма се трите победнички идеи што ќе ја претставуваат Македонија на „Balkan Green Ideas“

Три македонски зелени бизнис-идеи ќе ја претставуваат земјава на регионалниот натпревар „Balkan Green Ideas“, кој од 3 до 5 ноември ќе се одржи во Призрен, Косово. По завршувањето на националното финале, Здружението АРНО ги прогласи за победници „ding.mk“ од Битола, „Медотека Најдовски“ од Велес и „Урбана фарма“ од Скопје.

Идеите се насочени кон различни предизвици – од намалување на индустрискиот отпад и продолжување на животниот век на машините, преку искористување на отпадот од преработка на ореви, до одржливо урбано производство на храна.

Битолската компанија ding.mk, зад која стојат браќата Благојче и Александар Количоски, развива систем за предвидување дефекти и нискобуџетни сензори наменети за мали производители.

Платформата веќе се користи кај клиент и овозможува следење на параметри како температура и влажност, како и управување со вентили. Системот користи сопствен софтвер и стандарден хардвер, а целта е навремено откривање на проблемите и спречување дефекти.

Со продолжување на работниот век на постојната опрема, решението може да придонесе за намалување на отпадот, потрошувачката на енергија и емисиите поврзани со производство на нови машини.

Втората победничка идеја доаѓа од Велес, од семејната компанија „Медотека Најдовски“. При производството на ладно цедено масло од ореви останува оревово брашно со повеќе од 45 отсто протеин.

Наместо овој материјал да се третира како отпад, компанијата го комбинира со лиофилизиран лимон и развива протеински пијалак во прав на растителна основа.

Производот е без глутен, соја и лактоза, а идејата се темели на принципите на циркуларната економија – повторно искористување на нуспроизводот и негово претворање во производ со додадена вредност.

Третиот победник е „Урбана фарма“ од Скопје, проект на Коста Богучевски, студент по фармација. Тој во простор од 24 квадратни метри во семејниот дом развива вертикална фарма за микрозеленчук.

Производството се одвива без потреба од нова градба, со LED осветлување и кокосов супстрат. За достава се користи електричен трицикл, додека органскиот отпад се компостира.

Микрозеленчукот има краток производствен циклус и бара релативно мала количина вода, а производството се одвива без употреба на хемиски средства. Концептот е насочен кон одржливо производство на храна во урбана средина.

На годинашниот национален натпревар учествуваа идеи од различни области на зелената економија. Меѓу нив беа програма за пчеларско менторство, апликација со вештачка интелигенција која им помага на корисниците да купуваат помалку и да ги користат предметите што веќе ги поседуваат, природна козметика со одговорна амбалажа и производство на јаболков оцет од јаболка кои поради изгледот не се пласираат на пазарот.

Во конкуренција беа и нетоксични средства за текстил како алтернатива на хемикалиите што се користат во хемиското чистење, производство на биопелети од земјоделски отпад, модуларни производи од реупотребен текстил и урбана градина наменета за едукација на деца за природата и одржливото живеење.

Натпреварот годинава се одржа целосно онлајн и на англиски јазик, со посебен акцент на мерливите индикатори за влијание на предложените решенија.

Трите победнички тимови сега ги продолжуваат подготовките за регионалниот натпревар во Призрен. Таму ќе се натпреваруваат најдобрите три претставници од секоја земја, во две категории за грантови во вредност од 5.000 и 10.000 долари.

Македонија досега има освоено 12 регионални признанија во рамки на иницијативата „Зелени идеи“, со вкупно 110.000 долари инвестирани во развој на домашни импакт-бизниси.

Слични Објави