|

На Свети Пантелејмон, пелагониските штркови тргнуваат кон потоплите краишта

Летото полека влегува во својата завршница, а со тоа доаѓа и периодот кога пелагониските штркови започнуваат да се подготвуваат за своето големо сезонско патување.

Во Кривогаштани, едно од местата во Пелагонија каде што штрковите со години се дел од секојдневниот живот, жителите добро го препознаваат периодот кога птиците почнуваат да се собираат, да се подготвуваат за лет и постепено да ги напуштаат своите гнезда.

Народната традиција во овој крај го поврзува нивното заминување со 9 август, празникот Свети Пантелејмон. Старите жители велат дека токму околу овој датум штрковите почнуваат да исчезнуваат од пелагониското небо, за напролет повторно да се вратат на истите места.

Штрковите се препознатлив дел од пејзажот на Кривогаштани. Нивните гнезда со години се наоѓаат на покриви, столбови и бандери, а локалното население одамна научило да живее во непосредна близина со овие големи птици. Во минатото имало и обиди да им се обезбедат посебни места за гнездење, но штрковите често останувале верни на своите стари локации.

Ќе си одат, па напролет пак ќе се вратат. Така било отсекогаш“, велат мештаните, за кои заминувањето на штрковите е своевиден знак дека летото во Пелагонија привршува.

Но, не се само Кривогаштани. Штрковите се дел од пошироката слика на Пелагониската Рамнина, каде во летниот период можат да се забележат во повеќе рурални средини и земјоделски подрачја. И минатото лето, во август, беа забележани големи јата штркови кои од Пелагонија тргнуваа кон југ, на својата долга миграција.

Нивното патување не завршува само на Балканот. Штрковите што се гнездат во овој дел од Европа мигрираат на големи растојанија, а дел од нив зимата ја поминуваат во потоплите предели на Африка.

Интересно е што, иако народното верување го врзува заминувањето со точно определен празник, во природата миграцијата не се случува одеднаш. Птиците постепено се собираат и тргнуваат, зависно од условите, достапноста на храна и временските прилики.

Кога ќе се подигнат во воздух, често можат да се видат како кружат високо над Пелагонија, користејќи ги воздушните струења за да заштедат енергија на долгото патување.

Во Мало Коњари, местото кое во македонската книжевност е неразделно поврзано со легендата за Силјан Штркот на Марко Цепенков, заминувањето на штрковите има и дополнителна симболика. Тие не се само птици што доаѓаат и си одат – тие се дел од локалната приказна, фолклорот и спомените на генерации жители.

За Пелагонија, пак, нивното заминување е еден од оние природни моменти што секоја година се повторуваат, но никогаш не изгледаат исто.

Деновиве небото над пелагониските села постепено ќе станува потивко. Штрковите ќе ги напуштат гнездата, ќе се соберат во јата и ќе тргнат кон југ.

А напролет, кога повторно ќе се појават над Пелагонија, жителите ќе знаат дека уште еднаш се вратиле старите гости.

Слични Објави