Повторен напад врз шумската полиција во Прилеп: Дрвокрадци „камикази“ намерно удриле во службено возило

Во Прилеп синоќа повторно е регистриран сериозен инцидент со дрвокрадци, кои како „камикази“ намерно удриле со своето возило во службен автомобил на шумската полиција. Според првичните информации, две лица се приведени на самото место, додека по други две – чиј идентитет е познат – сè уште се трага.



Од МВР информираат дека на терен веднаш излегла увидна екипа која до доцните ноќни часови вршела увид и фотографска документација. Двете возила инволвирани во инцидентот, како и запленетата количина огревно дрво, се одземени и предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп.

Според надлежните, станува збор за добро познати сторители, против кои и претходно се поднесувани пријави за незаконска сеча и трговија со дрва.

„Нема да отстапиме од оваа битка, не знам како повеќе треба да им објасниме на овие луѓе“ – напиша директорот Кире Михаилов на својот Фејсбук профил, упатувајќи јасна порака дека институциите ќе продолжат со засилен надзор и контроли.

Инцидентот уште еднаш ја отвора темата за зголемената агресија кај организираните групи дрвокрадци и потребата од поголема заштита на шумската полиција и природните ресурси во прилепскиот регион.

Слични Објави