Локализиран пожарот над Варош – Жариштата под контрола, Трескавец засега без опасност
Пожарот што вчера попладне избувна во месноста „Заград“ над прилепската населба Варош е локализиран, но екипите и понатаму остануваат на терен поради неколкуте активни жаришта и опасноста од нивно повторно разгорување поради силните налети на ветер.
Огнот бил пријавен вчера во 16:16 часот, по што веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица – Прилеп. По повеќечасовна интервенција, која траела до полноќ, а продолжила повторно во раните утрински часови, пожарот е ставен под контрола.
Според инспекторот за заштита и спасување Јован Аврамоски, најкритично останува жариштето кое води кон репетиторот, а потоа и кон манастирот „Трескавец“. Сепак, во моментов манастирот не е загрозен, а доколку биде потребно ќе бидат ангажирани дополнителни противпожарни сили.
На терен работат осум лица – професионални пожарникари и припадници на јавните претпријатија „Водовод“ и „Комуналец“, со две возила, кои ја следат состојбата и ги гаснат преостанатите жаришта.
Според првичните проценки, пожарот зафатил околу 20 хектари претежно карпест терен со сува трева и грмушки. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека огнот зафатил и една викенд-куќа, како и околу 25 декари насад со лешници. Засега нема информации за повредени лица, ниту пак е пријавена поголема материјална штета на станбени објекти.
Од Општина Прилеп соопштија дека благодарение на брзата и координирана интервенција на пожарникарите е изграден заштитен појас, со што моментално не постои опасност пожарот да се доближи до манастирот „Трескавец“. На терен остануваат дежурни екипи на ТППЕ Прилеп, Универзалната единица за заштита и спасување, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Општинскиот штаб.
Во меѓувреме, активни беа и неколку пожари во Општина Долнени. Пожарот кај селото Кошино се проширил кон Лажани и Дебреште, при што биле ангажирани два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, кои извршиле десет исфрлања на вода. Во текот на ноќта и утринава биле регистрирани уште два пожара во атарот на селото Бело Поле.
Надлежните институции повторно апелираат до граѓаните строго да ги почитуваат мерките за забрана на палење оган на отворено и ограниченото движење низ шумите, бидејќи според нив најголем дел од пожарите се последица на човечко невнимание или намерно предизвикување.


