Водата се повлекува од поплавените површини во Пелагонија
Во Пелагонискиот регион водата постепено се повлекува од поплавените земјоделски површини во атарите на општините Битола, Могила и Новаци, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пелагонија, како најголема житница во државата, беше меѓу најпогодените региони од обилните врнежи што го зафатија поголемиот дел од земјата. Од ЦУК соопштуваат дека во подрачјата каде што дојде до излевање на реките, состојбата постепено се стабилизира. Нивото на реката Црна кај селото Новаци синоќа во 18 часот изнесувало 320 сантиметри.
Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Иако поголемиот дел од реките се вратени во своите корита, реката Црна сè уште се излева во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што се поплавени земјоделски површини.
Во општина Ресен евидентирани се поплавени ниви од поројни води, а надлежните интервенирале со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Проблеми од обилните дождови се забележани и во југозападниот и западниот дел од државата. Во Кичево во тек е расчистување и дезинфекција на погодените домови, додека евакуираните жители, кои се згрижени во спортската сала, добиваат неопходна помош.
Поплавите и одроните на патиштата предизвикаа потешкотии во повеќе региони, но надлежните информираат дека состојбата постепено се стабилизира.



