„Последни подготовки“ за европско и светско првенство во Прилеп а теренот сè уште неуреден
Претседателот на Воздухопловниот спортски клуб „Фил Феникс“, Здравко Тодороски, на својот Фејсбук-профил објави дека во Прилеп се извршуваат „последни подготовки“ на теренот каде од 24 јули до 2 август 2026 година треба да се одржат Европското првенство и Светското јуниорско првенство во воздухопловно спортско моделарство.
Во објавата се наведува дека станува збор за завршна фаза на уредување на локацијата за меѓународните натпревари од прв ранг во категориите на модели за слободен лет (F1A, F1B, F1C, F1P, F1Q). Сепак, фотографијата што ја придружува објавата прикажува терен кој сè уште не е целосно уреден, што отвори реакции и прашања во јавноста за динамиката на подготовките и временската рамка до почетокот на натпреварите.
Само неколку дена претходно, на 26 јуни, Тодороски објави остар статус со наслов „СРАМОТА“, во кој реагираше на одлуката на Општина Прилеп за распределба на финансиски средства за спортските клубови и здруженија.
Во таа објава тој посочи дека за организација на Светското јуниорско и Европското сениорско првенство биле доделени 30.000 денари, што го оцени како недоволна и понижувачка поддршка за настан од ваков ранг. Тодороски истакна дека очекуваните натпревари ќе донесат околу 470 спортисти од 30 држави, со повеќе од 5.000 ноќевања и значителен економски ефект за Прилеп преку спортски туризам.
Во објавата тој наведе и дека одлуката на Општината е спротивна на правилникот за распределба на средства, поставувајќи прашања за критериумите и начинот на финансирање на спортските организации.
Јавноста сега очекува да се види дали подготовките на теренот ќе бидат завршени навреме и дали Прилеп ќе биде подготвен да ги пречека меѓународните натпреварувачи и гости во предвидениот рок.



